Папата Фрањо преку Дикастеријата за промовирање целосен човечки развој испрати итна помош во износ од 250.000 евра за потребите на Црквата во Либан, кој се наоѓа во тешки моменти на страдање.
Тој дар е знак на внимание на Светиот Отец кон луѓето погодени од трагедијата со експлозијата во бејрутското пристаниште и неговата татковска грижа со оние кои се најдоа во големи страдања и тешкотии.
Помошта е испратена преку Апостолската нунцијатура во Бејрут и е наменета за итна помош на оние кои се погодени од страшната експлозија од 4 август, во која загинаа повеќе од сто лица, а повредени се повеќе илјади, оштетени се згради, вклучувајќи цркви и манастири. Локалните власти истакнуваат дека експлозијата е предизвикана од тони амониум нитрат, кој се наоѓал во еден магацин на пристаништето во главниот град на Либан.
Католичките структури веднаш започнаа со давање помош на оние кои останаа без покрив над главите, отворајќи прифатни центри, заедно со Каритас Либан, Каритас Интернационалис и сестринските Каритас организации.
Ватикан њуз/к.мк