Папата: Со Исус секое „денес“ може да се надева на едно „утре“

Папата: Со Исус секое „денес“ може да се надева на едно „утре“

Папата Фрањо ја предводеше молитва Царице небесна на плоштадот Свети Петар на Светол Понеделник, 1 април 2024 година.

Во кратко размислување со верниците ја истакна радоста на жените поради Исусовото воскресение, за што можеме да прочитаме во Евангелието наменето за Светол Понеделник. Споделувањето на радоста е прекрасно искуство кое го учиме уште од мали нозе, истакна Папата. На Велигденското утро жените го доживуваат тоа искуство, но на многу поголем начин, бидејќи Христовото воскресение не е само прекрасна вест или среќен крај на приказната, туку нешто што потполно и засекогаш ги менува нашите животи.

„Тоа е победа на животот над смртта, надежта над очајот. Исус ја уништи темнината на гробот и живее вечно: неговото присуство може да исполни сè со светлина. Со него секој ден станува етапа на вечно патување, на секое „денес“ може да се надева на едно „утре“, на секој крај нов почеток, секој миг се протега надвор од границите на времето, кон вечноста“.

Велигденската радост, продолжи Папата, не е нешто далечно. Тоа е наша радост, бидејќи ни е дадена на денот на крштението. „Оттогаш и ние, како жените, можеме да го сретнеме Воскреснатиот и Тој, како и на нив, ни вели: „Не бојте се!“ Како што истакна: „Ако Исус, победникот над гревот, стравот и смртта, ни порачува да не се плашиме, да не се плашиме, да не потонеме во живот без надеж, да не се откажуваме од велигденската радост!“

Одговарајќи на прашањето како да ја одржиме жива Исусовата радоста, Папата го истакна примерот на жената – треба да се сретнеме со Воскреснатиот, бидејќи Тој е извор на неисцрпна радост. „Значи, да побрзаме да го бараме во Евхаристијата, во неговото простување, во молитвата и во живата љубов! И да не заборавиме дека радоста на Исус расте на друг начин, како што покажуваат истите тие жени: навестувајќи, сведочејќи. Затоа што радоста кога се споделува се зголемува“, поттикна на крајот Светиот Отец.

По молитвата, Папата посака дар на мирот на Воскреснатиот Христос за сите луѓе кои му испратија пораки на близина и молитви, со желба овој мир да стигне до местата каде што е најпотребен – меѓу народите кои се погодени со војна, глад и секоја форма на угнетување.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот