Она најважното што денес треба да го правиме меѓу себе, во човештвото, е работата на увото; треба да се слушаме. Да се слушаме не брзајќи да дадеме одговор – рече папата Фрањо на делегацијата на муслиманските водачи од Велика Британија.
Пред Генералната аудиенција во среда 5 април 2017 година, папата Фрањо во Ватикан ја прими делегацијата на муслиманските водачи на Велика Британија, кои ги придружуваше надбискупот на Вестминстер, кардинал Винсент Николс, и кардинал Жан Луис Туран, претседател на Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог. Делегацијата се наоѓа во Рим по повод средба на која ќе се расправа за интеграцијата, воспитанието и насилството.
Со радост ви изразувам добредојде – рече Папата обраќајќи се на делегацијата, а потоа истакна: Со задоволство мислам на тоа, дека она најважното што денес треба да го правиме меѓу себе, во човештвото, е работата на увото; треба да се слушаме. Да се слушаме не брзајќи да дадеме одговор. Да се прифати зборот на братот, сестрата, а потоа да се мисли на тоа дека ни е даден збор. Но, способноста за слушање е многу важна.
Интересно е – рече потоа Светиот Отец – луѓето кога имаат способност за слушање, зборуваат со низок, мирен тон… Напротив, кога ја немаат, зборуваат гласно, па дури и викаат. Меѓу браќата, сите ние треба да разговараме, да се слушаме и тивко да зборуваме, мирни, и заедно да бараме пат. А кога взаемно се слушаме и разговараме, веќе сме на патот. Ви благодарам на тој пат по кој одите, и го молам семоќниот и милосрден Бог да ве благослови. А вас ве молам да се молете за мене – рече папата Фрањо.
РВ/к.мк