Во Прилеп бискупот Стојанов служеше света Литургија за татковината

Во Прилеп бискупот Стојанов служеше света Литургија за татковината

На празникот Раѓање на Пресвета Богородица според грегоријанскиот календар, 8 септември 2023 година, во истоимената црква во Прилеп, бискупот Стојанов служеше света Литургија за татковината, воедно прославувајќи го и патрониот празник на црквата.

На светата Литургија со бискупот Стојанов сослужуваше дон Томаш Бак – парох во Битола и Прилеп, отец Марјан Ристов – бискупски канцелар, отец Оливер Тантушев – парох во Охрид и отец Тони Ангелов – парох во Штип, а присуствуваа сестри Усмиленки од Битола, сестри Евхаристинки од Скопје, верници од Прилеп, Битола и околината. Во оваа прилика имаше и Прва Причест, имено Рафаелa за прв пат го прими Исус Христос во Светата Причест.

Во својата проповед бискупот Стојанов најпрво ги поздрави присутните верници, изразувајќи голема радост, посебно што заеднички може со нив да го прослави патрониот празник на црквата во Прилеп. Потоа се осврна на значењето на самиот празник, како и на важноста на Пресвета Богородица во животот на христијаните. Монсињор Стојанов го истакна и значењето на Татковината која е заедница на граѓани и дом за сите кои се молат и ја сакаат својата Татковина.

Традиционално бискупот Стојанов на 8 септември, кога Република Македонија ја празнува независноста, служи света Литургија за татковината. Тоа е и датумот кога според грегоријанскиот календар црквата го празнува Раѓањето на Пресвета Богородица.

к.мк

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот