Ова година сакав да го славам Светскиот ден на мигрантите и бегалците со света Литургија на која сте повикани посебно вие, мигрантите, бегалците, прогонетите и барателите на азил – рече папата Фрањо во својата проповед во базиликата Свети Петар во Ватикан, на 14 јануари 2018 година.
Некои од вас неодамна пристигнале во Италија, други пак веќе многу години овде имаат престој и работа, а некои се дел од т.н. „втора генерација.“
На сите овде собрани упатено ни е Словото Божјо кое денес нè повикува да размислиме за посебниот повик кој Господ го упатува до секој од нас – нагласи Папата и додаде: Како што направил со Самуел, Тој нè вика по име, секој од нас, и бара да го почитуваме фактот дека сме создадени единствени и неповторливи, сите меѓусебно поинакви, секој со својата улога во светот. Во евангелието двајцата ученици на свети Иван Крстител го прашуваат Исус: Каде живееш? Исусовиот одговор е јасен: Дојдете и видете и со тоа започнува личната средба која го разгледува соодветното време за прифаќање, запознавање и препознавање на другиот.
Во пораката за денешниот Светски ден напишав: „Секој странец кој тропа на нашата врата е прилика за средба со Исус Христос кој се поистоветува со прифатениот странец во сите времиња“ – истакна Светиот Отец и продолжи: За странецот, мигрантот, бегалецот, прогонетиот и азилантот секоја врата на новата земја е прилика за средба со Исус. Неговиот повик: „Дојдете и видете“ денес е упатен до сите нас, заедниците домаќини и новодојдените. Тоа е повик за да ги надминеме своите стравови за да можеме да одиме во пресрет на другиот, за да можеме да прифатиме, запознаеме и признаеме. Тоа е повик кој дава прилика за да бидеме ближни на другиот, за да видеме каде и како живее. Во денешниот свет за новодојденците, да се прифати, запознае и признае значи да се запознаат и да се почитуваат законите, културата и традицијата на земјите кои ги примиле. Тоа значи исто така да се разберат нивните стравови и сфаќањата за иднината. И за заедницата домаќин да се прифати, запознае и признае значи да се отвори за богатството на различноста без предрасуди, да се сфати можноста и надежите на новодојденците исто така и нивната ранливост и стравовите.
Вистинската средба со другите не запира на прифаќањето, туку нè поттикнува сите да се заземаме за три работи кои ги истакнав за овој Светски ден: заштити, промовирај и интегрирај – рече папата Фрањо и напомена: Во вистинската средба со ближниот дали сакаме да го препознаеме Исус Христос кој бара да се прифати, заштити, да му се помогне да оди напред и да се интегрира? Како нè учи евангелската парабола за општиот суд: Господ бил гладен, жеден, гол, болен, странец и во затвор, некои му помогнале, некои не. Таа вистинска средба со Христос е изворот на спасението која мора да биде навестена и донесена до сите како што тоа ни го покажува апостолот Андреј. Откако му соопштил на брат му Симон: Го најдовме Месијата, Андреј го води до Исус за да го доживее истото искуство на средбата. Не е лесно да се влезе во културата на другиот, да се влезе во приликите на личноста која е поинаква од нас, да се сфатат мислите и искуствата – призна Папата и рече: Затоа често ја отфрламе средбата со другите и градиме бариери за да се браниме. Заедниците домаќини често се плашат дека новодојденците ќе се мешаат во ред кој е воспоставен, дека ќе им украдат нешто од она што со мака го изградиле. И новодојденците имаат стравови, се плашат да се соочат, се плашат од осуди, дискриминација и неуспех. Тие од човечка точка ставови се оправдани, засновани целосно на разумливи сомнежи – потврди Светиот Отец и предупреди: Да се има сомнежи и стравови не е грев. Грев е да дозволиш тие стравови да ги одредуваат нашите одговори, да ги условуваат нашите избори, да го доведат во опасност почитувањето и великодушноста, да ја хранат омразата и отфрлањето. Грев е да ја отфрлиш средбата со другите, средбата со поинаковите, средбата со ближните, кои во суштина се привелигирана прилика за средба со Господ.
Од таа средба со Исус присутен во сиромашните, отфрлените, прогонетите, барателите на азил, произлегува нашата денешна молитва – рече на крајот од својата проповед папата Фрањо и заврши: Тоа е взаемна молитва; мигрантите и бегалците молат за заедниците домаќини, заедниците домаќини молат за новодојдените и за мигрантите кои веќе се овде долго време. На мајчинскиот заговор на Пресвета Дева Марија ги доверуваме надежите на сите бегалци и мигранти во светот и очекувањата на заедниците кои ги прифаќаат, во согласност со најголемата божествена заповед на љубовта, да научат сите да го љубат другиот, странецот како што се љубиме сабе самите.
РВ/к.мк