За оној кој знае дека е грешник, утеха му е тоа што Исус доаѓа заради него и секогаш му простува – рече папата Фрањо на светата Литургија на 7 јули 2017 година која ја служеше за вработените во ватинскиот индустриски центар.
Во Евангелието од денешната литургија Исус го повикува Матеј цариникот, да оди по него. Матеј бил Евреин кој соработувал со Римјаните за да им наплатува данок на сонародниците, а еден дел од тоа завршувал во неговите џебови.
Цариниците се луѓе омразени и ги сметале за предавници – објасни Папата. Исус пак токму меѓу тие луѓе го избира апостолот. Матеј потоа го поканува Господ на ручек, заедно – како што рече Светиот Отец – сo целото негово друштво и бил радосен. Фарисеите пак, кои се сметале за праведни, секого го осудувале, критикувајќи го Исус заради тоа што се наоѓа во такво друштво. Но, Господ рече: Не дојдов за праведниците, туку за грешниците – рече Папата и додаде: Тоа ме утешува, затоа што мислам на тоа дека Исус дојде заради мене. Бидејќи сите сме грешници, сите. Сите ја имаме таа диплома – се пошегува папата Фрањо.
Секој од нас знае каде неговиот грев е најсилен, каде е неговата слабост – рече Папата и истакна дека пред сѐ, никој од нас не може да каже дека не е грешник. Тоа го зборувале фарисеите. И Исус ги осудува. Биле горделиви, вообразени, се сметале за подобри од другите. Но, сите сме грешници – рече Папата. Таа е нашата титула, како и можноста Исус да го привлечеме кај себе. Исус доаѓа кај нас, доаѓа кај мене затоа што сум грешник.
Оние кои се сметаат за праведници, Исус не им треба. Напротив, тие кои се свесни дека се грешници знаат и дека Исус секогаш простува, тој секогаш ја оздравува душата – рече Папата и додаде дека и ако нас нѐ обземаат мисли за тоа дека сме слаби, дека повторно ќе паднеме, Исус повторно ќе нѐ подигне и оздрави. Тоа е нашата утеха, Исус дојде заради мене, дојде да ми даде сила, да ме направи среќен, да ја смири мојата совест. Не треба да се плашиме. Во лошите моменти, кога го чувствуваме товарот на бројните работи кои сме ги направиле, кога ќе се сетиме дека сме паднале… Исус ме сака затоа што сум таков – истакна папата Фрањо и го спомна свети Јероним.
Се трудел да биде благ, но имал лош карактер… затоа што бил Далматинец, а тие се силни – рече Папата и продолжи: Успеал да го совлада својот начин на однесување, и така на Господ му принесувал многу работи, многу работа и го прашувал на Господ: Што сакаш од мене? Сѐ ти дадов… Но, Господ уште ги сакал неговите гревови: Дај ми ги своите гревови. Убаво е тоа да се слушне: Дај ми ги своите гревови, своите слабости, јас ќе ги оздравам, а ти оди понатаму.
Денес на Прв Петок да мислиме на Срцето Исусово, да ни помогне да ја сфатиме таа убава работа, тоа милосрдно срце кое ни вели: Дај ми ги своите слабости, дај ми ги своите гревови, сѐ ти простувам. Исус сѐ простува. Нека тоа биде нашата радост – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк