На третиот ден од Апостолска посета на Демократска Република Конго, по утринската средба со младите и катехистите и по средбата со премиерот, папата Фрањо попладнето на празникот Сретение Господово, 2 февруари 2023 година, се сретна со свештеници, ѓакони, монаси, монахињи и семинаристи во катедралата во Киншаса.
Службата на која сте повикани е да покажете близина и утеха, како светлина која секогаш свети среде големата темнина – порача Папата токму на празникот Сретение Господово, денот што Црквата посебно го посветува на лицата посветени на Бога. Сите ние, како Симеон во храмот, би сакале да го држиме Исус во раце за да го имаме пред нашите очи и на нашите срца. На овој начин – објасни Папата – ставајќи го Исус во центар, нашиот поглед кон животот се менува и покрај неволјите и тешкотиите, се чувствуваме обвиени во неговата светлина, утешени од неговиот Дух, охрабрени од неговото Слово, поддржани од неговата љубов.
Сведоци на Божјата љубов
Свештениците и посветените лица се повикани да им служат на луѓето како сведоци на Божјата љубов. Но Римскиот бискуп предупреди: свештенството и посветениот живот стануваат суви ако ги живееме за да ни служат луѓето, наместо да им служиме. Не станува збор за занимање или општествена положба, ниту за обезбедување на семејството од кое доаѓаме, туку е послание да бидеме знаци на Христовата присутност, неговата безусловна љубов, простувањето со кое сака да нè помири, сочувството со кое тој сака да се грижи за сиромашните.
Духовна просечност, световна удобност, површност
Светиот Отец конкретно се осврна на три предизвици со кои мора да се соочат во своето звање: духовна просечност, световна удобност и површност. Духовната просечност може да се надмине со лична молитва, бидејќи односот со Исус е – како што рече – основата на нашите постапки; и секојдневно евхаристиско славење и часословот.
Друг предизвик е како да се надмине искушението на световната удобност, лагоден живот. Зашто, на овој начин се губи сржта на посланието, а тоа е излегувањето од себе и одење во пресрет на нашите браќа и сестри. Постои голем ризик поврзан со световноста, посебно во контекст на сиромаштвото и страдањата, а тоа е да ја искористиме улогата што ја имаме за да ги задоволиме нашите потреби и нашата удобност – предупреди Папата. Така, стануваме ладни бирократи на духот и наместо да му служиме на Евангелието, се занимаваме со управување на финансиите и работните места кои ни се потребни.
На крајот, третиот предизвик е да се надмине искушението на површноста. Потребни ни се свештеници и посветени лица кои се добро подготвени, образовани, ентузијасти за Евангелието – нагласи Папата. На народот не му требаат министри за светост или лица со дипломи одвоени од народот.
Да сведочиме со животот
Со овие предизвици мора да се соочиме ако сакаме да им служиме на луѓето како сведоци на Божјата љубов, бидејќи службата е делотворна само ако оди преку сведоштво. За да се биде добар свештеник, ѓакони и посветени лица, зборовите и намерите не се доволни; имено, најмногу зборува самиот живот.
Осврнувајќи се на нивните сведоштва во кои зборуваа за нивната земја, која е богата со природни убавини и ресурси, но ранета од експлоатација, корупција, насилство и неправда, папата Фрањо ги потсети на Исус, Добриот Самарјанин. Токму ова е службата на која сте повикани – рече тој – да покажете близина и утеха, како светлина што свети среде темнината што ве опкружува, за да бидете браќа и сестри со сите, бидете тоа пред сé едни кон други; сведоци на братството.
Заблагодарувајќи се на крајот на свештениците, ѓаконите, монасите и семинаристите, папата Фрањо ги повика да не се обесхрабруваат бидејќи – како што рече – ни требате! Вие сте скапоцени и важни.
Ватикан њуз/к.мк