Исус помина низ сите неволји кои ние ги имаме

Папата Фрањо во сабота 17 јануари 2015 година славеше света Литургија  на аеродромот во Таклобан на Филипините со околу 500 илјади верници кои се осмелија да дојдат на Евхаристија и покрај силниот ветар и дожд. Тоа подрачје во 2013 година беше најтешко погодено од тајфунот Јоланда и славењето на Литургијата таму ја изразува темата на посетата на Папата на Азија: милосрдие и сочувство. Наместо подготвениот текст за проповедта, Светиот Отец на собраните им се обрати спонтано на својот мајчин јазик – шпански.

Го имаме големиот Свештеник кој може да биде сопатник во нашите слабости бидејќи Тој самиот бил во искушение, но без грев – потсети Папата на Посланието до Евреите. Исус е како нас, живеел како нас. Еднаков ни е во сè освен во гревот, бидејќи Он не бил грешник. Но, за да ни биде што посличен ги зел на себе нашите гревови, Исус секогаш оди пред нас и кога поминуваме некое искуство на крст, Тој веќе го поминал.

Ако денес сме тука, 14 месеци по тајфунот Јоланда – продолжи Папата – тоа е затоа што сме сигурни дека нема да бидеме посрамени во верата, бидејќи Исус бил овде пред нас. Во својата мака ги зел на Себе сите наши страдања. И кога од Рим ја видов таа катастрофа тогаш одлучив да дојдам. Сакав да дојдам за да бидам со вас. Малку задоцнив, ќе ми кажете – вистина – но тука сум – рече папата Фрањо.

Тука сум за да ви кажам дека Исус е Господ, дека Исус не разочарува. Оче – може некој од вас да ми каже – мене ме разочара затоа што ја загубив куќата, изгубив сè што имав… Ги почитувам таквите чувства; но, Исус е тука, закован на крстот, и со крстот не разочарува! На тој престол посветен за Господ и од таму поминал низ сите неволји кои ние ги имаме. Исус е Господ и со крстот владее! Заради тоа може да нè разбере. Заради тоа имаме Господ Кој може да плаче со нас, може да нè придружува во најтешките моменти во животот – објасни Светиот Отец продолжувајќи:

Многумина од вас изгубиле сè. Не знам што би ви кажал. Но, Господ знае. Многумина од вас загубиле членови на семејството. Можам само да останам во тишина, да ве следам во тишина. Многу од вас се прашувале гледајќи Го Христа: „Зошто Господи?“ и секому Господ Му одговара во неговото срце. Немам други зборови кои би ви ги кажал. Да го гледаме Христа. Он е Господ и Он нè разбира бидејќи ги поминал сите искушенија кои нè погодуваат. Кај крстот заедно со Него била неговата Мајка – рече понатаму папата Фарњо.

Ние сме како детето кое е таму во моментите на болка, кога ништо не разбираме, кога сакаме да се побуниме и можеме само да ја фатиме за рака Марија и да и кажеме „Мамо“!, како детето кое се плаши. Можеби тој е единствениот збор кој може да го изрази тоа што го чувствуваме во тешките моменти: „Мамо!“ Да се задржиме за момент во тишина. Да го гледаме Господ и да ја гледаме нашата Мајка Марија и како дете да се фатиме за нејзината наметка и од срце да и кажеме „Мајко!“ – поттикна Светиот Отец, останувајќи кратко во тивка молитва.

Не сме сами; имаме Мајка. Го имаме Исус за брат. Не сме сами – повтори Папата истакнувајќи дека во моментот на катастрофата многумина дошле на помош. Тоа е се што дојдов да ви кажам. Простете ми ако немам други зборови. Но, бидете сигурни дека Исус не разочарува. Бидете сигурни дека љубовта и нежноста на нашата Мајка не разочарува. Држејќи се за нејзината наметка и со силата на Исусовата љубов на крстот да одиме напред како браќа и сестри во Господ – порача на крајот на спонтаната проповед папата Фарњо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот