Папата се сретна со претседателот на Генералното собрание на ООН
Ватикан, 01.6.2013 /к.мк/ – Решавањето на меѓународните конфликти преку мирни средства, посебно на Блискиот Исток, како и предизвиканата хуманитарна криза. Ова беше главна тема на разговорот меѓу папата Фрањо и претседателот на Генералното собрание на ООН, Вук Јеремиќ, кој во петок 31 мај беше примен на аудиенција во Ватикан. Соопштението од Ватикан додава дека во тој контекст беше истакната „важноста за помирувањето меѓу различните заедници и почитувањето на правата на етничките и верските малцинства”. Освен тоа станало збор и за „трговијата со луѓе, драмата на бегалците и емигрантите”. Во однос на актуелната светска економска криза била разгледана „улогата на Генералното собрание на ООН во програмата за милениумски развој по 2015, прилагодена со заштитата на животната средина и за можностите за намалување на разликата меѓу богатите и сиромашните”. „Денешната средба ја потврди високата оценка и централната улога која Светата Столица и го дава на ООН за доброто на човештвото”, се вели во соопштението од Ватикан. Од друга страна „беше потсетено на придонесот на Католичката црква, според нејзините средства и идентитет, за промовирање на целокупното човечко достоинство, мирот и за една култура на средби”. Аудиенцијата заврши со желби овие вредности да бидат поттик за дебати и решенија во Генералното собрание на светската организација. (го*ко)