Папата се сретна со паросите на Римската бискупија

Време на милосрдие – е сржта на говорот на папата Фрањо до паросите на неговата Римска бискупија, кои ги прими на аудиенција на 6 март. Светиот Отец истакна дека многу луѓе се ранети од материјални и духовни проблеми; затоа – според зборовите на Папата – свештениците се повикани пред сè да ги лекуваат раните. Викарот за градот Рим, кардинал Агостино Валини, го поздрави Папата.

Во целата Црква е време на милосрдие – со тие зборови римскиот бискуп го започна говорот, кој беше скоро испит на совеста, братски поделен, и богат со сведоштва од личното искуство на пастирот од Буенос Аирес. Папата Фрањо пред сè потсети на доброто забележување на својот претходник блажениот Иван Павле II, кој го внесе празникот на Божјото милосрдие и ја прогласи за света сестра Фаустина Ковалска. Карол Војтила имаше добро претчувство дека е ова време на милосрдие, а тоа е – според зборовите на Папата – нешто за што треба повторно да се размисли.

Денеска забораваме сè пребрзо, па и Учителството на Црквата! – истакна Светиот Отец и додаде – Делумно е тоа неизбежно, меѓутоа не можеме да заборавиме на важните содржини, важните интуиции и упатства оставени на Божјиот народ. А една од тие е интуицијата на Божјото милосрдие. Тоа е одредба која ни ја даде Тој, но која доаѓа од висините – рече Папата и истакна дека е затоа на нив, службениците на Црквата, да ја одржуваат жива таа порака, и тоа пред сè во проповедта и во гестовите, во знаковите, пасторалните одлуки, и делата на милосрдие.

Прашувајќи потоа што за нив, свештениците, значи милосрдие, папата Фрањо напомена дека Исус е полн со нежност спрема луѓето, особено кон оние лица кои се исклучени од општеството, кон грешниците, и болните за кои никој не се грижи. Така, според сликата на Добриот Пастир, свештеникот е човек на милосрдие и милост, близок на својот народ и служител на сите – рече Папата и додаде – Тоа е пасторално мерило кое би сакал силно да го истакнам: близината! Близината и служењето… – повтори Светиот Отец. Било кој да е ранет во животот, на било кој начин, може во него да наиде на внимание и на слушање…

Свештеникот на посебен начин го покажува големо милосрдие кога ја поделува Светата Тајна Исповед – забележа Папата. Го покажува во своето однесување, начинот на кој ја прифаќа личноста, како ја слуша, советува и одрешува. А тоа произлегува – како што рече – од начинот на кој тој самиот, лично, ја живее таа Света Тајна, како се препушта Бог Отец да го прегрне во Исповедта, и останува во таа прегратка. Свештеникот е повикан тоа да го научи, да има срце кое знае да се разнежи.

„Асептичните“, свештеници, оние од „лабораторија“, кај кои е сè чисто, не помагаат на Црквата – истакна Светиот Отец. Црквата денес можеме да ја замислиме како „полска болница“. (…) Потребно е да се лекуваат раните! Бројните рани! Многу луѓе се ранети; со материјални проблеми, скандали, па и во Црквата… Има луѓе ранети со илузиите на светот… Ние, свештениците, треба да бидеме таму, близу тие луѓе. Милосрдие значи, пред сè, лекување на раните – истакна папата Фрањо.

Освен тоа, има сокриени рани, и луѓе кои се оддалечиле како би ги сокриле раните – забележа Папата и додаде – можеби се оддалечуваат искривени лица, против Црквата, меѓутоа во длабочината носат рана… и сакаат нежност! Ги познавате ли раните на своите парохјани? Дали ги насетувате? Дали сте им близу? – запраша Папата.

Често ни се случува, на нас свештениците, некои верници да ни раскажуваат дека на Исповедта наишле на многу „строг“, или пак многу „попустлив“ свештеник – напомена потоа Светиот Отец. Тоа не е добро. Нормално е меѓу исповедниците да има разлика во стилот, меѓутоа тие разлики не можат да се однесуваат во суштината, односно на здравата морална наука и милосрдие – истакна Папата и забележа дека ни строгиот, ниту попустливиот свештеник, не го сведочат Исус Христос, бидејќи ни едниот ни другиот не ја преземаат на себе грижата за личноста која ја среќаваат.

Вистинското милосрдие, имено – според зборовите на Папата – презема на себе грижа за таа личност, внимателно ја слуша, и почитувајќи ја, и во вистината, се приближува на нејзината состојба и ја следо на патот на помирување. Да, тоа е напорно! – рече Светиот Отец. Меѓутоа, свештеникот кој е навистина милосрден, се однесува како Добриот Самарјанин, бидејќи неговото срце е способно за сожалување, неговото срце е Христово.

Ни попустливоста ни строгоста не овозможуваат раст во светоста. Ниту едното ниту другото не го посветуваат свештеникот, меѓутоа ни верникот. Милосрдието, напротив, го следи патот на светоста, и помага во нејзиниот раст. Значи, што претставува пасторално страдање? – запраша Папата и рече – Тоа значи да се страда поради луѓето, со нив, како татко и мајка кои страдаат поради децата.

Како би ги направил тие зборови уште посилни, Светиот Отец упати неколку прашања до свештениците кои му помагаат кога ќе му се обрати некој свештеник. Колку од нас плачат пред страданието на некое дете, пред уништувањето на некое семејство, пред многу луѓе кои не го пронаоѓаат патот… Плачот на свештеникот… Плачеш ли поради својот народ? Дали молиш ли пред Кивотот (Дарохранителницата) молитва за застапништво? Се бориш ли со Господ за својот народ, како што се бореше Авраам? (…) Ќе поставам уште едно прашање: како го завршуваш својот ден? Со Господ или покрај телевизорот? Каков е твојот однос кон оние кои помагаат да бидеш помилосрден? Односно, каков е твојот однос со децата, со постарите луѓе, со болните? Знаеш ли да ги помилуваш, или се срамиш да помилуваш некој старец?

Немој да се срамиш од телото на својот брат; – рече Папата – на крајот ќе ни биде судено по тоа како сме знаеле да се приближиме до секое тело, да бидеме блиски на телото на братот, како Добриот Самарјанин. На крајот на времето ќе им биде дозволено да го посматраат телото Христово само на оние кои не се срамеле од телото на својот ранет и исклучен брат – истакна на крајот Светиот Отец.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот