Папата се сретна со кардинал Бањаско
Ватикан, 30.4.2013 /к.мк/ – Почувствував длабока согласност – изјави кардинал Анџело Бањаско, претседател на Италијанската епископска конференција по средбата со папата Фрањо, кој покажа внимателност и голема способност за слушање – додаде кардиналот.
Говорејќи за средбата – кардиналот рече дека Папата, кој во љубов и заедништво претседава со Италијанската епископска конференција, ја пофали нејзината работа: десетгодишната програма, црковните национални средби, како и заложбата во образованието да се врати на неговиот исконски почеток, односно навестување на Исус Христос, како повторно би се открило точното сфаќање за човекот и човештвото, поттикнати од „антрополошките промени кои се во тек; не само во европскиот контекст, туку и во Латинска Америка и целиот свет – рече кардиналот.
Папата и кардинал Бањаско исто така разговараа за заложбите на Црквата во Италија за заштита и промоција на вредностите за кои не може да се преговара, како и за односот со средствата за информирање. Папата ги подржува напорите на италијанските епископи во поглед на умереноста и потребата за структури кои нема да оптоваруваат, со цел да се избегне непотребното расфрлање на средства. Папата препорача да не се множат канцеларии кои на крајот стануваат само товар, а го истакна и фактот дека Црквата е жив организам, а не канцелариска организација, на што некој сака да ја сведи. Папата потврди дека ќе настапи на следното пленарно заседание на Италијанската епископска конференција од 20-24 мај – истакна кардинал Бањаско.