Папата се сретна со децата кои му поставија прашања за книгата
Папата Фрањо на 25 февруари се сретна со група на деца кои му напишаа писма за новата книга во која тој одговара на нивните прашања, објавена под насловот „Драги папа Фрањо“.
Во придружба на децата беше претседателот на Меѓународниот Каритас, кардиналот Луис Антонио Тагле, како и главниот уредник на списанието Ла Чивилта Католика, отец Антонио Спадаро.
Со Папата се сретнаа деца од Италија, Индија, Кенија, Австралија, Аргентина, САД, Канада, Сингапур, Ирска, Белгија, Кина и од Филипините. Светиот Отец рече дека прашањата на кои одговара во книгата биле „едни од најтешките“ кои некој некогаш му ги има поставено. По повод средбата тој одговараше и на дополнителни прашања кои ги поставија децата за него.
Светиот Отец рече дека омилена работа за време на понтификатот му е „да биде со луѓето“, додавајќи дека секој пат кога среќава нова личност научува нешто. На еден од младите учесници го интересираше кој му е омилен светец на Папата. Имам повеќе свети пријатели, рече Папата, но незнам на кого најмногу му се восхитувам. Пријатели ми се света Тереза на Детето Исус, свети Игнатиј, свети Фрањо… Би рекол дека тие тројца, можеби, ми се најблиску до моето срце.
Папата истакна дека како Петров наследник чувствува мир и дека тоа е Божја милост. Кога бил избран, кардиналот Хумс му рекол да не се грижи и дека тоа е делување на Светиот Дух, па му препорачал да не ги заборави сиромасите. Запрашан за љубовта кон Христос, папата Фрањо призна: „Не знам дали го сакам вистински Исус. Се обидувам да го сакам, но сигурен сум дека тој мене ме сака. Во тоа сум многу сигурен.“
На крајот на средбата, младите соговорници го запрашаа зошто децата страдаат. Светиот Отец призна дека тој проблем му задава голема болка и дека не го знае одговорот на тоа прашање. „Единствена работа која ми засветува е погледот на крстот, на тоа што Исус страдаше; тоа е единствениот одговор кој го наоѓам“ рече папата Фрањо.
РВ/В.Н.