Папата се обрати до градот и светот (Urbi et Orbi)

Во воскресното обраќањеUrbi et Orbi – до градот и светот –  од балконот на Ватиканската базилика по светата Литургија на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо потсети на раните на светот кој е „полн со луѓе кои страдаат во телото и духот“, упатувајќи апели за мир во земјите растргнати од војни и конфликти.

Само Бог со своето милосрдие може да ги исполни духовните и моралните бездни на човештвото и празнините во човечките срца. Исус Христос распнат и воскреснат ни го дарува погледот на благост и сочувство со гладните и жедните, странците и затворениците, маргинализираните и отфрлените, жртвите на неправда и насилство. Исус е нашата надеж – нагласи Папата.

Апел за Сирија

„Нека воскреснатиот Христос го означи патот на надежта за саканата Сирија, земја растргната од долгите конфликти со тажна серија на уништување, смрт, занемарување на хуманитарните права и распаѓање на граѓанскиот соживот“ – рече папата Фрањо, молејќи за решение на конфликтот и градење на братско општество кое ќе го почитува достоинството и правата на сите граѓани. Исто така посака „плодна средба на народите и културите во другите подрачја на Медитеранот и Блискиот Исток посебно во Ирак, Јемен и Либија“. „Нека сликата на новиот човек која блеска на Христовото лице оди во прилог на соживотот помеѓу Израелците и Палестинците во Светата Земја“ – додаде Папата.

Украина и африкнските земји

Со оглед на состојбата во Украина рече: „Нека Господ на животот ги следи и интезивните напори за да се постигне дефинитивно решение за војната во Украина“, поддржувајќи ја истовремено „иницијативата за хуманитарна помош“ истакнувајќи го посебно ослободувањето на заробениците. Папата потсети и на жртвите на тероризмот – „слепото и брутално насилство“ – во Белгија, Турција, Нигерија, Чад, Камерун, Брегот на Слоновата Коска и Ирак.

Посака мир за африканските земји кои се одбележани со политички и општествени тензии: Бурунди, Мозамбик, Демократска Република Конго и Јужен Судан, а спомна и за тешкотиите на венецуелскиот народ. Папата истакна дека Бог со оружјето на љубовта ја порази себичноста и смртта и Исус е како врата на милосрдие отворена за сите.

Не ги заборавајте бегалците

Навестувањето на Христос воскреснатиот – нагласи – нè повикува да не заборавиме на мигрантите и бегалците – меѓу кои има многу деца – кои бегаат од војната, гладта, сиромаштвото и социјалната неправда. Тие наши браќа премногу често на патот ја среќаваат смртта или отфрлањето од страна на оние кои би можеле да им понудат прифаќање и помош. Затоа Папата посака следниот Светски хуманитарен состанок на врвот „да не заборави во центарот да ги стави човечките личности со нејзините достоинства и да изнесат политики кои можат да помогнат и да ги заштитат жртвите во конфликтите и другите кризи особено најранливите и прогонетите заради етнички и верски причини.“

Земјите погодени од климатските промени

Папата го спомна и уништувањето на околината и рече дека на ум му се подрачјата кои ги погодуваат „ефектите на климатските промени кои неретко предизвикуваат суши или разорни поплави придружени со кризите за глад“ во разни делови на светот. Христијаните кои се прогонувани заради нивната верност кон Христос ги охрабри со Господовите зборови: „Не плашете се! Јас го победив светот!“ Нека Исусовата порака помогне на секому со храброст и со поголема надеж да гради патишта за помирување со Бог и со браќата. Тоа ни е многу потребно – рече на крајот Светиот Отец.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот