Папата: Секој од нас да се запраша: Кој е за мене Исус?
Светиот Отец по маријанската молитва Ангел Господов во недела 13 август упати апел за мир во Украина, а во наговорот пред молитвата зборуваше за неделното литургиско Евангелие.
Денес завршува читањето на шестата глава од Евангелието по Иван со говорот за „Лебот на животот“ кој Исус го кажа по чудото на умножување на лебовите и рибите. На крајот на тој говор, исчезна поранешното воодушевување, бидејќи Исус рече дека Он е Лебот кој слезе од небото и дека своето тело ќе го даде за храна, а својата крв за питие, мислејќи на жртвата на својот живот. Тие зборови предизвикале разочарување во народот, зашто ги сметале недостојни за Месија бидејќи не биле „победоносни“ – рече Светиот Отец, додавајќи:
Некои го сметале Исус како Месија Кој требало да зборува и да делува така што неговото послание да биде успешно, веднаш! Многу се измамиле во сфаќањето за посланието на Месијата! Ниту учениците не успеваат да го сфатат вознемирувачкиот говор на Учителот; денешното Евангелие ја опишува неговата непријатност: Тешки се овие зборови – мрмореле – Кој може да го слуша? (Ив 6, 60) – потсети папата Фрањо.
Всушност, тие исправно го сфатиле Исусовиот говор. Толку добро го сфатиле што не сакале да го слушаат, бидејќи предизвикувал криза во нивниот менталитет. Исусовите зборовите секогаш нè стават во криза пред световниот дух, световноста. Но, Исус го дава клучот за надминување на таа тешкотија, а тој клуч се состои од три елементи. Прво, неговото божествено потекло: Он слезе од небото и се вознесе, каде што бил порано (ред 62) вели Евангелието.
Второ, неговите зборови можат да се сфатат единствено со помошта на Светиот Дух, Кој дава живот. Светиот Дух овозможува добро да се сфати Исус (ред 63). Трето, недостатокот на вера е вистинска причина за неразбирање на Исусовите зборови. „Но, има меѓу вас и некои што не веруваат, (ред 64), вели Исус. „Од тоа време мнозина од Неговите ученици се повлекоа и не одеа веќе со Него“ (ред 66). И покрај тие откажувања, Исус не попушта, ниту ги ублажува своите зборови, уште повеќе приморува на избор: или да се остане со Него или да се напуши; затоа на учениците им вели: Зарем и вие ќе си заминете?“ – истакна Светиот Отец.
Тогаш настапува Петар, ја исповеда својата вера во име на другите апостоли: „Господи, при кого ќе отидеме? Ти имаш зборови за живот вечен.“ (ред 68). Петар не вели „Каде ќе отидеме?“, туку „кај кого ќе отидеме“. На крајот проблемот не е во напуштање на започнатото дело, туку во тоа „кај кого да се отиде“. Од тоа прашање на Петар сфаќаме дека верноста на Бог е во верноста на една личност, со која се поврзуваме за заедно да се оди по истиот пат. А таа личност е Исус – објасни папата Фрањо.
Ни треба Исус за да бидеме со Него, да се храниме со Неговото тело и неговото Слово за вечен живот. Да веруваш во Исус значи да го направиш центар, смисла на нашиот живот. Христос не е некој спореден фактор: Он е „живиот Леб“, неопходна храна. Со Него се врзуваме во вистински однос на верата и љубовта, не значи да бидеш окован, туку целосно слободен, секогаш во одење – рече Светиот Отец додавајќи:
Секој од нас сега може да се запраша: „Кој е Исус за мене? Дали Он е некое име, некоја идеја, некој историски владетел? Или навистина е Личност Која ме љуби, Кој својот живот го дал за мене и Кој оди со мене? Кој е Исус за тебе? Дали си со Исус? Дали настојуваш да го запознаеш Неговото Слово? Дали секој ден го читаш Евангелието, еден дел од Евангелието за да го запознаеш Исус? Дали ја носиш книгата Евангелие во џебот, во торбата за да можеш насекаде да читаш? Бидејќи што повеќе го запознаваме посилна е желбата да бидеме со Него– истакна Папата.
Сега би ве замолил малку да замолчиме и секој во тишина, во своето срце, нека се запраша: Кој е Исус за мене? Секој нека одговори во тишина, во своето срце. Кој е Исус за мене? Нека Дева Марија ни помогне секогаш да одиме со Исус за да ја искусиме слободата која Исус ни ја дава и овозможува од световните наслаги и од стравовите да ги очистиме своите избори – заврши Светиот Отец и ги поздрави поклониците и им посака пријатна недела и ручек..
РВ/к.мк/Д.И.