Папата: Секоја мафија е мрачна. Да ја чуваме светлината
Од Бог добиваме светлина, а мракот го внесуваме самите – преку зависта, кавгите, сплетките или одложувањето на доброто. Сплеткарењето против другите е мафијашки, а секоја мафија е мрачна, порача папата Фрањо на светата Литургија на 19 септември 2016 година во домот Света Марта.
Да дозволиме светлината на верата да сјае, да блесне пред луѓето. Папата Фрањо ја развива својата проповед засновајќи ја на денешното Евангелие (Лк 8, 16-18) и првото читање (Изрек. 3, 27-34) и застанува на темата за светлината на верата зборувајќи и за сè што може да ја изгасне светлината. „Да се чува светлината, вели Папата значи да се чува она што сме го добиле за дар“, а нашата светлина извира од дарот кој сме го примиле на Крштението. Папата потсетува дека во првите векови на христијанството како и сега во некои Источни цркви светата Тајна Крштение се нарекува просветлување.
Папата предупреди: оваа светлина не смее да се сокрива. Ако ја покриеш светлината стануваш млак, христијанин само на име. Светлината на верата е вистинска светлина, не е вештачко или лажно, а Исус ни го дава во Крштението. Таа е блага и мирна светлина која не се гаси, толкува Папата. Потоа Светиот Отец допира до цела серија на однесувања со кои светлината може да се сокрие: Пред сè не смее човек во потреба да се остави да чека (Изрек 3, 27): „не откажувај да му направиш добро… Доброто не поднесува замрзнувач. Доброто е денес, а ако ти не го направиш денес, утре нема да го има. Не го сокривај доброто за утре. Ставот изразен во зборовите: „Оди си и дојди пак; утре ќе ти дадам“ (Изрек, 28) е неправеден и силно ја блокира светлината. Не крои зло против ближниот свој, кој е придојден и кој со доверба живее при тебе.“ (Изрек 3, 29). „Колку пати само луѓето покажуваат доверба некому кој прави сплетки против нив за да ги уништи, оцрни или наштети.“ Папата тоа го толкува како облик на мафијаштво кое сите го имаме при рака, „кој ја користи довербата на ближниот за да направи зло – е мафијаш!“ и да тврди дека не припаѓа на некоја криминална организација толкува Папата, таквиот човек всушност е мафијаш затоа што ја користи туѓата доверба и го завршува, таквото однесување ја „блокира светлината и прави мрачно. Секоја мафија е мрачна!“
Потоа Папата говореше за искушението запаѓање во кавга, за задоволството на кавгата дури и со оние кои на нас не ни направиле ништо лошо. „Секогаш бараме причина за кавга. Но, расправата изморува! Не дава да се живее. Подобро дозволи да помине, прости, прави се дека не си видел… не карај се.“
И повторно Папата ја цитира Книгата Изреки „Не завидувај му на човек што постапува насилно, и не избирај ни – еден од патиштата негови, зашто на Господ му е одвратен безбожникот, а близок е со праведникот“ (Изрек 3, 31-32). Ние често продолжува Папата „негуваме љубомора и завист во однос на луѓето кои нешто поседуваат, се успешни или пак насилни.“ Но, ако ја разгледаме историјата на насилните и моќните – предупредува Папата, работата е „многу едноставна: истите црви кои ќе нè изедат нас, ќе ги изедат и нив. Истите. На крајот сите ќе бидеме еднакви.“ Моќта и љубомората ја затемнуваат светлината, повтори Папата и продолжува дека од таму произлегува Исусовиот совет: „Бидете синови на светлината, а не синови на темнината (Иван 12, 36). Чувајте ја светлината подарена на денот на Крштението, поттикнува и наведувајќи ја пораката на денешното Евангелие: „не сокривај ја светлината под сад“ туку „чувајте ја светлината“ (Лк 8, 16). За да се чува светлината, наведените совети од Светото Писмо треба да се спроведуваат секој ден затоа што секој ден сведочиме прикриена светлина.
„Нека Светиот Дух Кој сме Го примиле на Крштението помогне со лошите навики да не ја затскриеме светлината која бесплатно сме ја примиле, туку да ја пренесуваме таа корисна Божја светлина: светлината на пријателството, светлината на кроткоста, светлината на верата, светлината на надежта, светлината на трпението и светлината на добрината“, заврши Папата.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк