Папата: Сега е моментот за молитва и покора за да ја браниме Црквата од големиот тужител

Папата: Сега е моментот за молитва и покора за да ја браниме Црквата од големиот тужител

Ние сме први приматели на завршниот документ – е сржта на говорот на папата Фрањо на крајот од работите на XV Генерално собрание на Епископската синода одржана на тема „Младите, верата и распознавањето на звањето.“

Момент е со молитва и покора да ја браниме Црквата од големиот тужител; ние децата сите сме валкани, но Црквата не треба да се извалка – рече папата Фрањо без однапред подготвен текст во саботата на 27 октомври навечер на крајот од Епископската синода посветена на младите. Исто така Папата ги поттикна сите да дозволат завршниот документ да делува во нивните срца. Ние сме негови главни приматели – истакна Светиот Отец.

Ние сме главни приматели на завршниот документ

Папата во говорот пред сѐ рече дека синодата не е парламент. Таа е заштитен простор за делувањето на Светиот Дух и заради тоа – како што објасни –информациите кои се даваат се општи, а не детални. Освен тоа напомена дека резултатот на синодата не е некој документ. Полни сме со документи – рече Папата – не знам дали тој документ однадвор нешто ќе направи, но знам дека мора да направи во нас, треба да работи во нас.

Светиот Дух сега ни го дава тој документ за да делува во нашето срце. Ние сме примателите на документот. Нека делува; треба да молиме со документот, да го проучуваме, да бараме светлина… тоа е примарно за нас. Ќе им помогнеме и на другите, но главно ние сме негови приматели; сето тоа го направи Светиот Дух и се враќа на нас – рече Папата.

Црквата не смее да се извалка

Светиот Отец потоа се осврна на светоста на Црката која треба да се штити. Нашата Мајка е света – рече Папата– но децата, ние сите сме грешници; и токму заради нашите гревови, големиот тужител тоа го искористува и ја кружи земјата барајќи кого да обвини. Во овој момент силно нѐ обвинува, а тоа обвинување станува прогонство – рече Папата правејќи споредба со прогонуваните христијани на повеќе краишта во светот. Но – додаде Папата – постои и друг вид на прогонство – постојани обвинувања за Црквата да се посрамоти.

Црката не треба да се валка; децата да, сите сме валкани, но Мајката не – истакна Папата и додаде дека заради тоа во овој момент треба да се штити Мајката од големиот тужител, а тоа се прави со молитва и покора. Заради тоа барав во текот на овој месец кој завршува за неколку дена да се моли Бројаница и да се моли свети Михаил арахангел и Пресвета Богородица секогаш да ја штитат Мајката Црква. Да продолжиме тоа и понатаму да го правиме. Ова е тежок момент, затоа што тужителот преку нас ја напаѓа Мајката, а Мајката не треба да се допира – истакна Папата.

На почетокот на говорот Папата им се заблагодари на сите кои работеле на синодата, посебно на младите кои – како што рече – ја донеле својата музика; музиката е дипломатски збор за врева – додаде шегувајќи се. На крајот повторно рече дека Светиот Дух го дарува тој документ за сите нас, па и на него, за да размислуваме што сака да ни каже.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот