Папата Лав XIV ја прими македонската државно-црковната делегација по повод чествувањето на Свети Кирил
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја предводи државно-црковната делегација на Македонија во Рим и Ватикан, во рамки на традиционалната манифестација „Во чест на Свети Кирил“, посветена на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.
Црковната делегација е составена од протојереј ставрофор отец Зоран И. Стојанов од Католичката црква, потоа поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, митрополитите г. Пимен и г. Георгиј. Во државната делегација, покрај Гаши, се пратениците Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Даниел Стојчевски и Беким Ќоку, а претставник од Владата е министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во рамки на посетата, во петок 22 мај 2026 година, Гаши беше примен на аудиенција од папата Лав XIV, на која упати честитки по повод годишнината од неговиот избор за Римски епископ и ја истакна посветеноста на Македонија за продлабочување на традиционалните и пријателски односи со Светиот Престол. На средбата, биле реафирмирани историските и духовните врски, изградени врз наследството на светите Кирил и Методиј и ликот на света Мајка Тереза.
На аудиенцијата било нагласено и значењето на мирот, толеранцијата, дијалогот и меѓусебното разбирање меѓу народите и религиите.
Претседателот на Собранието оствари средба и со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин. На средбата се разговарало за унапредување на билатералната соработка, институционалниот дијалог и можностите за проширување на соработката во областа на културата, образованието, архивистиката и зачувувањето на културното и духовното наследство.
По средбите во Ватикан, делегацијата ја посети базиликата „Свети Петар“. На папата Лав XIV му беа врачени скулптурата „Пердув/Перо“ од прилепски мермер, изработена од скулпторот Андреј Митевски, и кавал од мајсторот Бобан Анакиев. На кардиналот Паролин му беше подарен мозаик со мотив на паун.
Поклонението во чест на Свети Кирил ќе се одржи во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, каде што ќе се моли молебен на гробот на свети Кирил. Делегацијата ќе ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“, каде што Гаши ќе положи венец на спомен-плочата напишана на македонски јазик. Таа е поставена во 2015 година како благодарност од македонскиот народ до папата Адријан Втори, кој во 868 година, во оваа базилика ги одобрил и благословил словенските книги што во Рим ги донеле браќата Константин (Кирил) и Методиј. Во базиликата „Санта Марија Маџоре“ делегацијата ќе го посети и гробот на папата Фрањо, кој почина минатата година.
Манифестацијата во чест на Свети Кирил во Рим ќе заврши со концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“ во салата „Хорти Салустиани“.

