Папата: Разделбата на родителите ја рануваат детската душа

По последните неколку катехези во кои Светиот Отец говореше за кревкоста на животните услови на семејството, како што се сиромаштвото, болеста и смртта, на Генералната аудиенција во среда 24 јуни Папата говореше за повредите или раните кои се создаваат и отвораат внатре во семејството, меѓу неговите членови.

Во секое семејство постојат моменти кога се чувствуваме повредени во своите најдлабоки чувства заради однесувањето на другите членови на семејството. Зборови, дела, па и пропустите – наместо да искажуваат љубов – рануваат или убиваат. Кога тие рани – иако сеуште се лекуваат – се занемарат и не се лекуваат, резултираат со дрскост, непријателство и потценување – рече Папата. Тогаш раните можат да стнат многу длабоки и силни и така да го разделат мажот од жената и да ги поттикнат на потрага за разбирање, поддршка и утеха на друго место односно надвор од бракот. Сепак забележуваме – додаде Папата – дека овие „дополнувања“ и „поддршки“ не се за добро на семејството!

Исчезнувањето на брачната љубов резултира со страдање на децата – смета папата Фрањо. Задржувајќи се малку на темата за страдањето на децата и последиците кои ги поднесуваат, Папата се запраша: нели сме „анестезирани“ (ништо не чувствуваме) во поглед на раните кои детската душа ги поднесува. Колку повеќе овој недостаток настојуваме да го компензираме со подароци и колачи толку повеќе го губиме чувството за повреда и значењето на раните – и тоа оние најболните и најдлабоките.

Знаеме ли сеуште што е тоа повреда на детската душа и ја чувствуваме ли на нив натоварената тежината во семејствата во кои се прави зло и со зло се постапува кон другите членови на семејството и тоа до таа мера, да се загрози брачната верност? Колку има за нас тежина и вредност детската душа на пример меѓу нашите погрешни избори? Кога возрасните ќе ја загубат главата, кога секој мисли на себе, кога таткото и мајката се во лоши односи и еден со друг се навредуваат, детската душа толку трпи што вкусува – во извесна смисла – очај. Тие се рани кои оставаат лузни за цел живот! – смета Папата.

Во семејството сè е поврзано. Кога мажот и жената се обврзуваат да бидат само едно тело и го основаат своето семејство, а започнат вознемирено да мислат на сопствените барања за слобода и награда, тогаш на своите деца им нанесуваат длабоки рани. Многу пати децата тогаш се сокриваат и плачат. Ако ја погледнеме строгоста со која Исус ги предупредува возрасните да не ги соблазнуваат малите – како што слушнавме од евангелскиот дел (Мт 18,6) – ќе можеме подобро да ги разбереме и неговите зборови за големата одговорност (на возрасните) во чувањето на брачната врска која е почеток на човечките семејства.

Откако мажот и жената ќе станат едно тело, сите рани и сите напуштања и запоставувања од страна на мама и тато се одразуваат на „живото тело“ на нивните деца. Од друга страна постојат случаи во кои разделбата е неизбежна, а понекогаш и морално неопходна – кога на пример се настојува послабиот сопружник или децата да се сочуваат од тешките рани предизвикани од дрскоста и насилството, потценувањето, отфрлањето или рамнодушноста – смета Светиот Отец.

Му благодарам на Бог што има и добри примери на оние кои – зацврстени во верата и љубовта кон децата – ја сведочат својата верност и поврзаност во која поверувале, па и во ситуација кога изгледа дека така е невозможно да се живее. Околу себе наоѓаме различни семејства, па и оние „нерегуларни“ – мене овој збор толку и не ми е мил – и да си поставиме прашање: како да им помогнеме на тие семејства? Како да се следат, а децата да не станат заложници на своите родители? – рече папата Фрањо.

Светиот Отец спомнувајќи дека денес го славиме роденденот на свети Иван Крстител, по својот обичај посебно се обрати на младите, болните и скоро венчатите парови. Драги млади, евангелската радикалност на Претечата нека ве поттикне на храбро избирање на доброто. Драги болни неговата сила нека ви биде поддршка во носењето на крстот и во духовното соединување со Пресветото Срце Христово; а на вас драги младенци неговата поврзаност со Јагнето нека ви помогне своето семејство да го сочувате во единството на љубовта.

Пред Генералната аудиенција Папата во малата сала Павле VI се сретна со учесниците на средбата за дијалог помеѓу будистите и католиците од САД, што го поттикна Движењето на фоколарините, заедно со Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог. Заблагодарувајќи им се за посетата која – како што рече – му е многу на срце, Светиот Отец рече дека тоа е посета на братство, дијалог и пријателство. А тоа прави добро, тоа е многу здраво. Во овој историски момент толку ранет со војните и омразата тие мали гестови се семе на мирот и братството. Ви благодарам, нека ве благослови Господ– рече папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот