Папата упати порака до патријархот Вартоломеј I: Христијаните нека молат да замолчи оружјето

Папата упати порака до патријархот Вартоломеј I: Христијаните нека молат да замолчи оружјето

Папата Фрањо испрати порака до Цариградскиот Вселенски патријарх Вартоломеј I. по повод празникот Свети Андреј, заштитникот на Цариградската Вселенска патријаршија: споменот на прегратката меѓу Павле VI. и Атенагора, во 1964 година, беше важен чекор во отстранувањето на пречките на недоразбирање, недоверба, па дури и непријателствa што преовладуваа речиси илјада години

Христијаните обединети нека го молат Бога да ја запре вревата на оружјето што носи само смрт и уништување, а верските и државните лидери секогаш да го бараат патот на дијалог и помирување – поттикна папата Фрањо, мислејќи на светите апостоли Петар и Андреј молејќи за нивното застапништво за да можат луѓето да живеат во мир и братство. Ова го истакна во пораката испратена до вселенскиот патријарх Вартоломеј I, по повод празникот Свети Андреј, заштитник на црквата во Цариград.

Павле VI. и Атинагора, пророчки пастири

Потсетувајќи на односот на верата, надежта и љубовта кои ги поврзуваат сестринските цркви од Рим и Цариград, папата Фрањо истакна една од важните појдовни точки: историската средба во Ерусалим во јануари 1964 година на папата Павле VI. со вселенскиот патријарх Атинагора. Тој настан – пишува Папата – беше важен чекор во отстранувањето на пречките на недоразбирање, недоверба, па дури и непријателствата што преовладуваа речиси илјада години. Скоро 60 години по таа средба, повеќе од зборовите и тврдењата на тие пророчки пастири, она што денес најмногу се памети е нивната топла прегратка и меѓусебното признавање на црковното братство кое го поттикна патот на помирување, зголемување на близината и надминувањето на пречките кои сè уште го попречуваат на патот на потполно и видливо заедништво – нагласува Папата Фрањо.

Патот до потполно заедништво

Личниот контакт и времето поминато заедно, како што покажува примерот на Павле VI. и Атинагора, ги одбележуваат сите веродостојни патишта кон обновување на потполното заедништво меѓу Господовите ученици. Освен тоа, благодарение на пријателскиот дијалог, заедничката молитва и заедничкото делување во служба на човештвото – забележува Папата, насочувајќи ги своите мисли кон сиромашните, оние кои се подложени на насилство и оние кои се искористувани – членовите на различните Цркви ја откриваат повеќе и уште подлабоко нивната заедничка доверба во промислата на Бога Отецот, нивната надеж за доаѓањето на Царството Божјо и нивната заедничка желба да ја покажат крепоста на милосрдието вдахновена од Светиот Дух.

Синодалниот процес на Католичката црква

Папата Фрањо потсетува и на продолжувањето на патот кои го зацртаа „чесните претходници“, обновен со бројни средби и прегратки, како по повод последниот заеднички настан со Вартоломеј, екуменското молитвено бдение одржано на 30 септември, по повод на почетокот на XVI Генерално Собрание на Епископската синода. Поддршката на патријархот и на Цариградската православна црква е голем извор на охрабрување за плодно продолжување на актуелниот синодален процес во Католичката црква – истакнува на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот