Примајќи ги учесниците на конференцијата „Жените во Црквата: Творци на човечноста“, папата Фрањо го истакна важниот придонес што верничките мирјани го даваат во Црквата и општеството: нивната улога треба да се вреднува; освен тоа има потреба од образование, бидејќи таму каде што недостига се појавуваат големи нееднаквости и дискриминација
Во нашево време, растргнато од омраза, во кое човештвото, кое треба да се чувствува сакано, наместо тоа често е рането од насилство, војни и идеологии кои ги задушуваат најубавите чувства на срцето, многу е потребен придонесот на жените, бидејќи жените со нивната посебна способност за сочувство, нивната интуитивност и нивната вродена склоност за грижа, знае како да донесе љубов таму каде што ја нема и човечност каде што човечкото битие се бори да се пронајде себеси. Овие зборови на Папата до учесничките на меѓународната и меѓууниверзитетска конференција насловена „Жените во Црквата: Творци на човечноста“ им ги пренесе отец Пјерлуиџи Жироли, од Државниот секретаријат, на кого папата Фрањо по краткиот поздрав до присутните му го довери говорот, бидејќи – како што рече – поради настинка, малку му е тешко да ги прочита.
Примери на десет светици
Својот говор Папата го посвети на жените, спомнувајќи ги една по една десетте светици на кои им е посветен овој академски настан, чија цел е да ги запознае другите со женскиот гениј и да се вреднува. Станува збор за Жозефина Бахита, Магделина Исусова, Елизабет Ен Сетон, Марија Меккилоп, Лаура Монтоја, Катери Текаквита, Света Мајка Тереза, Рафка Пјетри Чобок Ар-Рајес, Марија Белтраме Кватроки и Дафроз Мукасанга, личности кои – како што истакна Папата во различни времиња и култури и во времиња кога жените биле повеќе исклучени од општествениот и црковниот живот, со свои и различни стилови поттикнувале иницијативи на љубов, образование и молитва и предизвикувале нова духовна динамика и важни реформи во Црквата.
Треба да ги цениме жените во Црквата
Светиот Отец спомна и бројни непознати или заборавени жени кои секоја на свој начин ги поддржувала и преобразувала семејствата и заедниците со силата на своето сведочење и додаде дека тоа и треба на Црквата, бидејќи Црквата е жена: ќерка, свршеница и мајка.
Да си помагаме едни на други, без принуда и без поделби, туку со внимателно расудување, послушни на гласот на Духот и верни во заедништвото, да најдеме соодветни начини за подобро да ја цениме големината и улогата на жената во Божјиот народ.
Важноста на образованието
Римскиот бискуп потоа исто така нагласи дека е многу важно да се образуваат жените, кои често се дискриминирани, особено таму каде што за нив е забрането образованието.
Во свет во кој жените сè уште трпат толку многу насилство, нееднаквост, неправда и злоупотреба – а тоа е скандалозно, уште повеќе за оние кои исповедаат вера во Бог „роден од жена“ – постои сериозен облик на дискриминација, што е токму поврзано со образованието на жените. Во многу контексти се стравува, но патот до подобри општества оди токму преку образованието на девојчињата и девојките, што е од корист за човековиот развој. Да молиме и да се ангажираме за тоа!
Светоста е можна трансверзална образовна линија
Пофалувајќи ја оваа иницијатива на папските универзитети, институти и факултети, која – како што истакна – во контекст на универзитетската пасторална грижа, нуди сведоштва за светоста, особено на жените, нè охрабрува да го подгинеме погледот, да го прошириме хоризонтот на нашите соништа и начини на размислување и да се подготвиме да ги следиме високите идеали, Папата истакна дека светоста е можна трансверзална образовна линија во севкупниот пристап кон знаењето. Истовремено, изрази надеж дека универзитетите, покрај места за студирање, истражување и учење, ќе бидат и информативни места и формативни средини, во кои ќе се помогне да се отвори умот и срцето за делувањето на Светиот Дух.
Затоа, важно е да ги запознаеме другите со светителите, а посебно со светиците, во сета длабочина и конкретност на нивната човечност: на тој начин формацијата ќе може уште повеќе да допре до секој човек во неговиот интегритет и уникатност.
Ватикан њуз/к.мк