После молитвата Царице небесна, папата Фрањо во недела 3 мај 2020 година, потсети на Светскиот ден на звања. Папата посебно се обрати до болните од КОВИД – 19 и оние кои им помагаат и истакна дека го прифати предлогот на Високиот одбор за човечко братство, на 14 мај верниците од сите религии духовно да се обединат на молитва и пост како би измолиле од Бог да му помогне на човештвото да ја надмине пандемијата со коронавирусот.
Денес го славиме Светскиот ден на духовни звања – рече папата Фрањо по завршувањето на пладневната молитва и истакна: Целиот христијански живот, во било која животна ситуација, секогаш е одговор на Божјиот повик. Овој ден нè потсетува на она кога Исус рече дека нивата на Божјото царство бара многу работа и дека треба да се моли Отецот да испрати работници на својата нива. Свештенството и на Бог посветените лица бараат храброст и истрајност; без молитва не се напредува на тој пат. Ве повикувам сите за Неговото Царство од Господ да измолиме дар за добри работници кои ќе имаат срце и раце отворени за Неговата љубов.
Уште еднаш сакам да ја искажам својата близина со болните од КОВИД – 19, сите оние кои се грижат за нив и за сите на било кои начин страдаат од пандемијата – рече папата Фрањо и напомена: Истовремено сакам да ја подржам и охрабрам меѓународната соработка која се остварува преку различни иницијативи, за да можеме на соодветен и ефикасен начин да одговориме на тешката криза низ која поминуваме. Имено, важно е на транспарентен начин и без интерес да се спојат научните способности, како би се дојдело до вакцина и начини за лекување, и да се загарантира општ пристап кон основните технологии на секоја заразена личност, со што во секој дел од светот ќе се овозможи да ја прими неопходната здравствена заштита.
Посебно го поздравувам здружението „Метер“, која го промовира Националниот ден за децата жртви на насилството, искористувањето и рамнодушноста – рече Светиот Отец и додаде: Ги поттикнувам одговорните и другите вработени заедно со различни воспитни агенции да продолжат со активностите за спречување и подигнување на свеста. Благодарам на децата од тоа здружение кои ми испратија слика со стотини цвеќиња кои сами ги обоиле.
Само што започнавме со месец мај, посебен маријански месец во кој верниците со задоволство ги посетуваат богородичните светилишта – рече папата Фрањо и додаде: Оваа година, поради здравствената ситуација, со духот ќе појдеме на тие места на вера и побожност, и во срцето на Пресвета Дева да и ги положиме своите грижи, очекувања и планови за иднината.
Затоа што молитвата е универзална вредност, го прифатив предлогот на Високиот одбор за човечко братство, на 14 мај верниците од сите религии духовно да се обединат во молитва и пост како би измолиле од Бог да помогне на човештвото да ја надмине пандемијата со коронавирусот – рече на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк