Папата: Помирувањето не е апстрактен збор

Папата: Помирувањето не е апстрактен збор

Помирувањето не е апстрактен збор, затоа што ако тоа беше случај, тоа ќе доведе само до неплодност и уште поголема оддалеченост – рече папата Фрањо за време на свечената света Литургија во колумбискиот град Виљависенсио, на 8 септември 2017 година, на која учествуваа околу 400 илјади верници.

На таа света Литургија за блажени ги прогласи о. Педро Марија Рамирес Рамос и епископот Хесус Емилио Харамио Монсалве. Во својата проповед Светиот Отец го повика населението на таа земја да ја отворат вратата за секој човек кој ја доживеал трагичната реалност на конфликтот, затоа што кога жртвите го надминуваат искушението за освета, стануваат најверодостојни протагонисти во процесот за градење на мирот.

Виљависенсио се смета за симбол на помирувањето. Имено, тој град, кој се наоѓа во срцето на подрачјата кои беа под опсада на бунтовниците, го поддржа мировниот план на претседателот и презеде чекори во прифаќањето на Револуционерните вооружени сили на Колумбија, чии водачи побараа прошка.

Двајцата католички свештеници – епикопот Харамио Монсалве и о. Рамирес Рамос – блиску се поистоветуваа со конфликтот во Колумбија и нудат силно сведоштво во земјата на која очајнички ѝ треба прошка и исцелување. Папата Фрањо рече дека двајцата преставуваат знак на изразот на народот кој сака да излезе од мочуриштата на насилството и огорченоста.

Светиот Отец ги поттикна Колумбијците да го надминат, како што го нарече „разбирливото“ искушение што е клуч за обнова на нивната поделена земја, како и во планот на владата за мирна иднина да вклучат многу групи кои се погодени од конфликтот. Токму од таа причина на светата Литургија учествуваат повеќе од 110 заедници од домородните народи и илјада жртви од сите сфери на животот.

Папата во својата проповед истакна и други важни точки за помирување, а меѓу нив и потребата за надминување на шовинистичкиот став кон жените. Размислувајќи за Евангелието од денот, Светиот Отец рече дека тоа преставува силен коментар за светот во кој толку е очигледно психолошкото, вербалното и физичкото насилство врз жените. Надминувањето на тоа насилство – продолжи Папата – исто така е клуч за целосно помирување.

Папата Фрањо повика и на помирување со „расплаканата“ животна средина. Виљависенсио преставува врата на колумбиската амазонска прашума која е дом на многу раселени и загрозени домородни заедници, како и богато и прекрасно природно богатство на земјата. Цитираше еден колумбиски пејач кој ги опишал стеблата како „расплакани“ сведоци на толку години насилство, а потоа ја наведе енцикликата „Лаудато Си“: „Насилството кое престојува во човечкото срце, рането од гревот, се покажува исто така во знаците на болеста која ја забележуваме во земјата, водата, воздухот и живите битија“ (ЛС 2)

Да кажеш „да“ на помирувањето – заклучи во својата проповед папата Фрањо – значи да кажеш „да“ со Марија и да пееш со неа за големите дела Господови кои ѝ помагаат на Колумбија, која денес сака да се помири: тоа е ветување кое исто така е дадено на нејзините потомци засекогаш.

На крајот од литургиското славење, Светиот Отец ја изрази близината на сите оние кои страдаат заради последиците од катастрофалниот земјотрес кој го погоди Мексико, и дека се моли за нив, како и за оние на карипското подрачје, кои се погодени од ураганот Ирма. Ја следам ситуацијата и се молам за нив – рече папата Фрањо и ги повика присутните да му се придружат во таа накана.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот