Папата: Опасно е да се затвориш во свој свет

Папата: Опасно е да се затвориш во свој свет

Опасно е да се затвориш во свој свет и единствено да се довериш на себе – предупреди папата Фрањо, на светата Литургија на 16 март 2017 година во домот Света Марта.

Во своето размислување се вдахна од делот од денешното Евангелие според Лука, каде Исус зборува во парабола за безимениот богаташ и сиромашниот Лазар (Лк 16, 19-31). Тој ја нагласи плодноста на оние кои се доверуваат на Господ, а неплодноста на оние кои се доверуваат на себе и на работите со кои можат да управуваат. Кога човекот живее во својот затворен свет, вдишувајќи го воздухот на своето богатство, суетата и чувството за сигурност, кога си верува само на себе, тогаш– рече Папата – се губи и повеќе не знае каде се границите.

Токму тоа се случило со богатиот кој го поминувал своето време на забави и го игнорирал сиромашниот Лазар кој бил пред неговата врата. Кога се преселил во вечноста, богатиот го моли на Лазар за помош. Богатиот знаел кој е тој сиромав, дури му го знаел и името, но не му било грижа – рече Светиот Отец. Дали богатиот бил грешник? Да, бил, но иако Господ им простува на оние кои се покајуваат, срцето на овој човек го водело во еднонасочна улица кон смртта. Постои момент, точка кога гревот станува расипаност. Тој човек не бил само грешник, туку расипана личност затоа што бил свесен за бедата на Лазар, но не му било грижа – рече Папата.

Проклет да е оној кој се доверува на себе, затоа што нема ништо по полошо од стврднато срце. Кога сме на тој пат, нашето срце тешко ќе може да се исцели. Потоа Папата ги повика присутните да направат испит на совеста: „Што чувствуваме во срцето кога гледаме бездомници или деца кога просат на улицата?“ – праша Светиот Отец и продолжи: „Велиме ли: „Не, тие се оние кои крадат?“ Што чувствуваме за сиромашните или бездомниците кои дури се добро облечени, но немаат работа и не можат да ја платат киријата? Велиме ли дека тоа е нормално? Гледаме ли на бездомниците како на дел од пејсажот на нашите градови, како статуи, автобуски станици или пошти?“

Мораме да бидеме внимателни – предупреди папата Фрањо – затоа што ако само јадеме, пиеме и ја смируваме својата совест со давање пари и продолжуваме понатаму, тој не е вистинскиот пат. Наместо тоа, мораме да сфатиме кога сме на таа лизгава патека на гревови кон расипаност. Мораме да се запрашаме што чувствуваме кога на вестите гледаме дека бомба паднала на болницата и притоа се убиени многу деца. Дали само се молиме, продолжувајќи потоа по истиот пат како порано? Дали тоа го допрело нашето срце или само како богатиот кој не го допрела состојбата на Лазар, за кој кучињата имале повеќе сочувство отколку тој? Ако тоа е случај, тогаш сме на тој пат од грев кон расипаност – рече Светиот Отец.

Од таа причина – заклучи папата Фрањо – мораме од Господ да побараме да го истражи нашето срце за да видиме дали сме на таа лизгава патека на гревовите кон расипаноста, од која нема враќање. Грешниците можат да се покајат и да се вратат, но за оние кои се затворени и расипани срца тоа е многу тешко. Затоа да Го молиме Господ да ни покаже по кој пат да одиме – рече Папата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот