Папата: Од Исус ниту еден грешник не е исклучен

Пред Исус ниту еден грешник не е исклучен затоа што Божјата лекувачка сила не познава болест која не би можела да ја излекува – рече папата Фрањо на Генералната аудиенција на 13 април.

Во катехезатаСветиот Отец се осврна на евангелскиот извештај за повикот на апостол Матеј. Кога Исус му кажал да Го следи тој бил цариник и затоа се сметал за јавен грешник, но Христос сепак го повикува да стане негов ученик. Матеј прифаќа и го повикува во својот дом на трпезата.

Фарисеите приговарале, говорејќи: „Ти не можеш да влезеш во домот на тие луѓе!“ Меѓутоа Исус не се оддалечувал од нив, туку ги посетувал, седел крај нив. Тоа значи дека и тие можат да станат негови ученици – рече Папата напоменувајќи дека фактот што сме христијани не нè прави безгрешни.

Нема светци без минато, ниту грешник без иднина

Како цариникот Матеј секој од нас се доверува на милоста Господова и покрај сопствените гревови. Сите сме грешници, сите имаме гревови. Повикувајќи го Матеј, Исус им порачува на грешниците дека не гледа на нивното минато, општествените околности, надворешните обичаи, туку им отвора нова иднина. Нема светци без минато, ниту грешници без иднина – рече Светиот Отец.

Доволно е на Исусовиот повик да одговориме со понизно и искрено срце. Црквата – продолжи – не е заедница на совршени, туку заедница на ученици кои се во одење, кои Го следат Господ затоа што се признаваат за грешници и им е потребна неговата прошка. Христијанскиот живот е училиште на понизноста која нè отвора за милостите.

Повикот на трпезата на Словото и Евхаристијата

Тоа не го разбираат оние кои се сметаам за „праведници“, кои веруваат дека се подобри од другите. Горделивоста ги спречува да го видат Божјото милосрдно лице и да постапуваат со милосрдие. Таа прави ѕид кој го спречува односот со Бог. Исус вели дека не на здравите, туку на болните им е потребен лекар. Тоа ни влева доверба и ни го отвара срцето за Господ за да дојде да не излекува.

Повикувајќи ги грешниците на својата трпеза – продолжи папата Фрњо – Исус ги лекува, враќајќи им го оној повик за кои верувале дека е изгубен и на кој фарисеите заборавиле: повикот на Божјата гозба. Ако фарисеите во повиканите гледат само грешници и одбиваат да седат покрај нив, Исус ги потсетува дека и тие се Божји гости. На тој начин да седеш на трпезата со Исус значи дека Тој нè преобразува и спасува. Во христијанската заедница Исусовата трпеза е двојна: трпеза за Словото и трпепеза за Евхаристијата.

Божјото Слово лекува како скалпер

Тие се лековите со кои божествениот лекар нè оздравува и храни. Со Словото ни се открива и нè повикува на пријателски дијалог. Исус – рече Папата – не се плашел од разговор со грешниците, цариниците, блудниците: не се плашел, туку сите ги љубел. Неговото Слово продира во нас и како скалпер влијае во длабочината за да нè ослободи од злото кое се вгнездило во нашиот живот.

Понекогаш тој збор е болен затоа што укажува на лицемерието, ги демаскира лажните изговори, ја разголува сокриената вистина, но истовремено расветлува и прочистува, дава сила и надеж – нагласи Светиот Отец. Евхаристијата нè храни со Исусовиот живот и како најсилен лек на таинствен начин без престан ја обновува милоста на Крштението. Пристапувајќи на Евхаристијата се храниме со Исусовото Тело и Крв, а Тој пак нè обединува во своето Тело.

„Милост сакам, а не жртва“

Папата потсети на зборовите на пророкот Осија: „Одете и научете се што значи: „Милост сакам, а не жртва.“ Со тоа пророкот го опоменува народот затоа што нивните молитви биле празни и недоследни на зборовите. И покрај сојузот со Бог и неговото милосрдие народот често имал само привидна религиозност не живеејќи ги длабоко Господовите зборови.

„Милост сакам“ значи дека Бог сака верно срце кое ги признава сопствените гревови, кое се кае и се враќа на верноста на сојузот. Од друга страна „не жртва“ значи дека без покајничко срце секој верски чин е неефикасен. Исус го применува тој пророчки израз и на човечките односи: фарисеите биле многу религиозни во форма, но не биле подготвени да седнат на трпезата со цариниците и грешниците; не ја препознале можноста за покајание и потоа излекување; на прво место не го ставале милосрдието: и покрај тоа што биле верни чувари на Законот, покажале дека не го познаваат Божјото Срце – објасни папата Фрањо.

Тоа е како да те развесели пакет со подарок за тебе внатре, а ти наместо да одиш да го бараш подарокот гледаш само на хартијата во кој е завиткан: само на изгледот, формата, а не на сржта на милостите од дарот кој се дава – рече Папата. Сите сме повикани на Господовата трпеза. Да седнеме покрај Него и неговите ученици. Да учиме да се гледаме со милосрдие и во секој од нив да го препознаеме гостинот. На сите им е потребно да се хранат со Божјото милосрдие затоа што тоа е изворот на нашето спасение.

Одењето на Лезбос – „Придружувајте ме со молитва“

На крајот на аудиенцијата Светиот Отец повика на молитва по повод престојната посета на грчкиот остров Лезбос каде што се наоѓаат голем број на бегалци. Ќе отидам заедно со својот брат цариградскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот на Атина и цела Грција Ероним за да ја изразам близината и солидарноста како со бегалците така и со граѓаните на Лезбос и целиот грчки народ. Ве молам да ме придружувате со молитва повикувајќи светлина и сила од Светиот Дух и мајчинскиот заговор на Дева Марија“ – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот