Светиот Отец ги поттикна монасите да се движат напред, со доверба во Господовото ветување, за извршување на посланието на Црквата во светот.
Папата Фрањо на 17 март 2022 година во Ватикан ги прими учесниците на 56. Генерално собрание на Редот Августинци реколекти и ги поттикна да размислуваат за ликот на свети Јосиф, кој што го краси татковско срце и храбра креативност.
Потребно е во овие времиња да одиме заедно, секогаш напред, со поглед и срце насочени кон Исус, рече Папата, осврнувајќи се на мотото на Генералното собранието: Ајде да одиме заедно „дојдов за да имаат живот“ (Иван 10,10).
На патот по кој чекорите, оној на синодалноста, заедно со целата Црква, ви предлагам повторно да размислувате за ликот на свети Јосиф, рече Папата, потсетувајќи дека неговиот празник се празнува оваа сабота на 19 март и кој Августинците реколекти го почитуваат како заштитникот на Редот.
Би сакал да бидеме свесни дека секој човек со посветен живот, монах, свештеник, е повикан како Јосиф, има „татково срце“, немирно срце, кое се стреми да ги сака и да се грижи за децата што му се доверени, особено за најкревките, страдалниците, кои немале искуство на татковска љубов; и не мирува додека не ги доведат кај Бога, да се сретнат со Него, за сите да имаат живот, да го имаат во изобилство, рече Светиот Отец.
Но, не може да се биде вистински татко ако го немаме искуството на деца Божји – кои нè љубат и знаат што ни треба, рече Папата. Да не престанеме да доаѓаме кај Него секој ден со целосна доверба. Тој нè слуша, ги слуша нашите копнежи и потребите на нашето срце и нè води по кој пат да одиме.
Друга карактеристика на свети Јосиф на која укажа папата Фрањо е неговата „креативна храброст“. Ова не се лесни времиња, тоа го знаеме. Не беа ниту за Јосиф. Меѓутоа, потполно се доверуваше во Бога, ги предаде своите способности, таленти, за да му служи. Бог, пак, за возврат се доверил на Јосиф и му ја дал својата благодат за да може да го изврши тешкото послание кое му го довери. На ист начин, како што направивме на денот на нашето посветување, пред олтарот носиме сè што сме и му дозволуваме на Бог да го претвори во „жртва жива, света и благоугодна на Бога“ (Римјаните 12,1). По оваа понуда, се впуштаме во посланието со доверба, храброст и креативност. Тој е со нас, оди со нас и ни помага да донесуваме одлуки, поттикна Папата.
Тој се осврна и на падот на бројот на звања, што не е случај само кај Августинците реколекти. Не може да се дозволи тоа така да помине, како тоа да не се однесува на нас, мора да преземеме одговорност, рече Папата. Иако има многу причини зошто бројот на звања опаѓа, Папата рече дека треба да се постави едно тешко и напорно прашање – да се погледне во иднината, да се мисли на денот кога можеби нема да има повеќе Августинци реколекти, кога можеби нема да има доволно свештенички звања. Треба да се размисли дали сме ги подготвиле доволно лаиците за пасторал во Црквата? Дали сте ги подготвиле луѓето да ја продолжат вашата духовност, која е дар Божји, и да ја продолжат, праша Петровиот наследник.
Не се осмелувам да бидам пророк и да кажам што ќе се случи, рече Папата, признавајќи дека ситуацијата го загрижува. Имам доверба во Господ, но морам да ги кажам овие работи, рече тој. Да се подготвиме за она што ќе се случи и да ја пренесеме нашата харизма, нашиот дар, на оние кои можат да ја продолжат. Да ја задржиме харизмата цврста, да ја задржиме цврсто посветеноста на животот што го имаме, но да не негуваме илузии. Да продолжиме да се молиме, поттикна Папата, Господ да испрати звања, но и да нѐ подготви да го дадеме нашиот дар кога ќе бидеме помалку на оние кои можат да соработуваат со нас. Господ е добар, тој ќе ни ја даде утехата што ни е потребна за да донесуваме одлуки. Да побараме милост, рече тој, да знаеме да ги донесеме на време, како што сака Господ – не како што ни кажува некој социолог или психолог – туку како што сака Бог.
Светиот Отец ги поттикна монасите да се движат напред, со доверба во Господовото ветување, како би го зивршиле посланието на Црквата во светот.
Ватикан њуз/к.мк