Папата до свештениците: Молете неуморно

Папата до свештениците: Молете неуморно

На 1 јуни 2017 година папата Фрањо се сретна со учесниците на пленарното собрание на Конгрегацијата за клер.

Во својот говор Светиот Отец се фокусираше на неодамна објавениот документот „Основни одредби за воспитание и образование на свештениците (Ratio Fundamentalis Institutionis Sacerdotalis). Папата размилуваше за привлечноста на свештеничкото звање и барањата на свештеничката служба.

За младите често површно се просудува и премногу лесно ги означуваат како „флуидна“, бестрасна, генерација без идеали – предупреди папата Фрањо. Сигурно постојат млади кои се кревки, дезориентирани, фрагментирани или се заразени со културата на конзумеризмот и индивидуализмот, тоа не смее да нѐ спречи да воочиме дека младите се способни да го насочат својот поглед во иднината и така да бидат противотров за безволноста и безнадежноста кои го карактеризираат нашето општество; дека се способни да бидат креативни и имагинативни, храбри во промените, дарежливи кога треба да се истроши за другите или за идеалите како солидарност, правда и мир. Со сите свои ограничувања, таквите млади секогаш ќе бидат богатство – истакна Светиот Отец.

Молете се неуморно – рече Папата – затоа што единствениот начин како можеме да бидеме „рибари на луѓе“ е ако најпрво препознаеме дека и ние самите сме „фатени“ од Господовата нежност. Нашето звање започнало кога, напуштајќи ја сферата на индивидуализмот и личните проекти, сме се упатиле на „свет пат“, предавајќи се на Љубовта која нѐ бара во ноќта и на Гласот кој го направило нашето срце живо – рече папата Фрањо, додавајќи: Така како галилејските рибари сме ги оставиле своите мрежи за да ги зграбиме оние кои ни ги даде Учителот. А ако не му бидеме во близина, нашето рибарење нема да биде успешно. На свештениците им рече дека секој ден треба да поминуваат некое време пред Пресветото и ги советуваше да внимаваат на тоа што телото им зборува затоа што тоа дава до знаење кога уморот ги поминал границите.

Свештеникот секогаш е на пат – продолжи Светиот Отец. Секогаш е ученик, поклоник на патот на Евангелието и животот. Младиот свештеник, кој е отворен за Божјите изненадувања, ќе стане креативен во евангелизацијата и ќе посетува „нови места за комуникација“, каде ќе сретнува лица, приказни и прашања на луѓето и ќе се учи на нови облици за навестување. Притоа младиот свештеник може да се вмрежи со другите свештеници и во таа мрежа да го спречи „црвот на себичноста.“

Конечно, свештеникот треба да дели од срце – рече Папата – затоа што свештеничкиот живот не е канцелариска работа, ниту збир на верски и литургиски практики кои треба да се извршат на брзина. Напротив, да се биде свештеник значи да се дава својот живот за Господ и браќата и сестрите, така што на сопственото тело ќе ги носиш радостите и стравовите на народот; така што ќе го поминуваш времето слушајќи и лекувајќи ги раните на другите и на сите ќе им ја донесуваш нежноста на Отецот – рече Светиот Отец. Токму младите свештеници имаат прилика со младите да го живеат тој облик на споделување. Но, потребна е претпазливост, затоа што на младите не им треба стручњак за светото или јунак кој одговара на нивните прашања одгоре и однадвор. Повеќе ги привлекува личност која искрено се интересира за нивниот живот, поддржувајќи ги со почит и слушајќи ги со љубов. Потребно е да се има срце кое е исполнето со љубов и сочувство – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот