Папата: Никогаш да не осудуваме
Христијаните вклучуваат, никому не затвораат врата – дури и ако тоа предизвикува отпор. Оној кој ги исклучува другите затоа што себе си се смета за подобар создава конфликти и поделби и за тоа еден ден ќе одговара пред Божјиот суд – рече Папата на светата Литургија на 5 ноември во домот Света Марта
Во денешното читање од Посланието до Римјаните свети Павле поттикнува да не судиме и да не го укоруваме својот брат затоа што тоа – како што рече Папата – води до исклучување од нашите „мали групи“ односно води до нехристијанска селекција. Христос пак во својата жртва на Голгота ги обединува и вклучува сите луѓе во спасението. Во Евангелието на Исус му се приближувале цариници и грешници односно оние кои биле исклучени, сите оние кои биле „надвор“ додека фарисеите и книжниците мрмореле.
Ставот на книжниците и фарисеите е став на исклучување. Тие велат: „Ние сме совршени; ние го следиме законот, а тие се грешници и цариници.“ Меѓутоа Исусовиот став е вклученоста. Постојат два пата во животот: патот на исклучување на луѓето од нашите заедници и патот на вклучување. Првиот може да биде мал, но во него е коренот на сите војни: сите катастрофи и сите војни започнуваат со исклучувањето. Луѓето се исклучуваат од меѓународните заедници, но и од семејствата, од кругот на пријатели – колку само кавга… Но, патот на кој Исус нè поучува е целосно поинаков спротивен од овој, а тој е вклучувањето – смета папата Фрањо.
Не е лесно да ги вклучуваш луѓето затоа што (во нас) постои отпор; постои став на селекција. Заради тоа Исус зборува во две параболи: за изгубената овца и за жената што ја изгубила драхмата. И пастирот и жената прават сè за да го пронајдат она што е изгубено. И кога ќе успеат се исполнуваат со радост – рече Светиот Отец, додавајќи:
Радосни се затоа што го пронашле она што е изгубено и одат кај соседите и пријателите, бидејќи се толку среќни и говорат: „Пронајдов, вклучив“. Тоа е Божјото вклучување, спротивно на исклучувањето на оние кои другите ги осудуваат; кои ги отфрлаат луѓето зборувајќи: „не, тоа не, тоа не…“ и околу себе создаваат само тесен круг на пријатели. Тоа е – според зборовите на Папата – дијалектика на исклучување, а не на вклучување. Бог сите нè вклучил во спасението! Но, ние со своите слабости, со своите гревови со зависта и љубомората секогаш негуваме став на исклучување кој може да заврши со војна.
Исус – рече папата Фрањо – постапува како Отецот Кој Го испратил за да нè спаси: нè бара за да нè вклучи за да бидеме едно семејство. Да размислиме малку и да го направиме она малку што можеме – продолжи Светиот Отец – и никогаш да не осудуваме, зборувајќи: „Овој го прави тоа…“ Бог знае, тоа е негов живот, но да не го исклучуваме од срцето, од молитвите, од поздравите и насмевката, а ако има можност нека му се упати и убав збор. Никогаш исклучување, немаме право на тоа.
Така свети Павле го завршува денешното читање: „И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе… Секој од нас за себе на Бог ќе Му даде сметка.“ Ако исклучувам – заклучи папата Фрањо – тогаш пред Божјиот суд еден ден за тоа морам да дадам сметка. Молам за милост да бидеме луѓе кои секогаш вклучуваат – во мерка на здраво разбирање – но секогаш. Никому не затворајте врата, секогаш имајте отворено срце: „Ми се допаѓа, не ми се допаѓа“ – но со отворено срце.
РВ/к.мк/Д.И.