Папата: Небесниот Отец не е творец на злото

Папата: Небесниот Отец не е творец на злото

Тој е Бог Кој секогаш се бори за нас, а не против нас. Тој е Отец!

На 1 мај 2019 година папата Фрањо во рамките на Генералната аудиенција која се одржа на плоштадот Свети Петар продолжи со серијата катехези за молитвата „Оче наш,“ зборувајќи за претпоследната молба во молитвата „Нè не воведи во искушение“. Токму со таа претпоследна молба нашиот разговор со Отецот небесен влегува во срцето на драмата – рече Папата и истакна, односно во подрачјето на соочувањето на нашата слобода со замките на лукавиот.

Светиот Отец Папата истакна дека не е лесно точно да се долови точното значење на оригиналната грчка верзија на молбата и дека сите современи преводи се „малку несмасни“ – но за еден елемент можеме едногласно да се согласиме: било како да се разбере текстот, мора да се исклучи дека Бог е творец на искушенијата кои на човекот му се закануваат на неговиот пат.

За да покаже дека се работи за толкување кое е далеку од сликата за Бог која Исус ни ја објави, Папата цитираше од Посланието на свети Јаков во кое истакнува: „Ниеден, кога е во искушение, да не вели: „Бог ме искушава”, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Он никого не искушува“ (Јаков 1,13) – рече Папата и додаде, Он е Бог Кој секогаш се бори за нас, а не против нас. Тој е Отец! Во таа смисла молиме „Оче наш.“

Во животот на Синот Божји – продолжи Светиот Отец, искушнијата биле таинствено присутни. Во тоа искуство Синот Божји стана целосно наш брат на начин кој граничи со скандал. Бог нас нè не остави сами, туку во Исус се покажува како „Бог со нас“ сѐ до крајните последици.

Нашата утеха се наоѓа токму во Божјото присуство па и во најмрачните моменти кога човекот не е во состојба да бдее – рече папата Фрањо и напомена: Во момент на вознемиреност, Бог бара од човекот да не го напушти, но човекот спие. Меѓутоа во моментот кога човекот сфаќа дека се наоѓа во искушение, Бог бдее? Зошто? Затоа што е Отец. Така ја започнавме молитвата: „Оче наш“. Отецот не ги напушта своите деца. Онаа ноќ на Исусовата болка и борба е последниот печат на овоплотувањето. Бог доаѓа за да нè сретне во нашите бездни и страдања кои ја сочинуваат историјата.

Нашата утеха е дека во моментот на искушението знаеме дека таа долина откако Исус ја поминал повеќе не е пуста, туку е благословена со присуството на Синот Божји. Тој никогаш нема да нè напушти! На таа сигурност потсети Папата, напоменувајќи дека тоа нема да се случи во време на искушенија затоа што Христос веќе го зеде товарот на крстот и нè вика да го носиме со Него, препуштајќи се со доверба на љубовта на Отецот. Он е со нас кога ни дава живот, со нас е во текот на животот, со нас е во радостите, во искушенијата, во тагата, во поразите, кога грешиме, секогаш е со нас затоа што е Отец и не може да нè напушти – рече папата Фрањо.

По завршувањето на катехезата Папата ги поздрави сите присутни посебно се обрати на младите, старите, болните и на нововенчаните и потсети на денешниот празник свети Јосиф работотник заштитник на општата Црква. Понизниот лик на свети Јосиф работник од Назарет нека нè води до Христос, нека ги поддржува оние кои прават добро во светот и се застапува за оние кои ја загубиле работата или не можат да најдат – заврши на крајот Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот