На вториот ден од својата апостолска посета на Грција, во неделата на 5 декември папата Фрањо го посети островот Лезбос и тамошниот центар за прифаќање и идентификација. Да не дозволиме „mare nostrum“ да стане „mare mortuum“, Медитеранот е гробишта без надгробни споменици. „Кој ги отфрла сиромашните, го отфрла мирот“, истакна Светиот Отец во својот говор.
Папата по пет години се враќа на Лезбос, остров во Егејското море кој веќе го посети во 2016 година за да се сретне со ранетото човештво на мигрантите и го упатува својот крик: не дозволувајте „mare nostrum“ да стане „mare mortuum“, Медитеранот е гробишта без надгробни споменици. „Кој ги отфрла сиромашните, го отфрла мирот“, рече Папата, барајќи ново посветено залагање на меѓународната заедница: иднината „ќе биде мирна само ако биде во знакот на интеграцијата.“ Својот крик Папата го упати од островот симбол на мигрантската трагедија, „најсериозната хуманитарна катастрофа од Втората света војна наваму“, како што тоа го нарече Папата.
Папата на Лезбос се сретна со бегалците кои таму се сместени. Средбата помина во знакот на молитвата, сведоштва, симболични гестови… Пред да го одржи својот говор Папата помина низ бегалскиот камп, одејќи по пат кој води помеѓу контејнери, диретно се сретна со мигрантите, им ги допираше рацете, се смееше, ги слушаше нивните приказни и молби, ги милуваше и прегрнуваше децата кои му ја пружаа својата рака.
Папата во Центарот за прифаќање и идентификација е пречекан со песната на мигрантите сместени во кампот и поздравот на претседателката која рече дека Грција поднела „непропорционален товар на мигрантската и бегалската криза, која го погодува целиот Медитеран, морето кое нѐ спојува“, и дека соочувањето со неа е заедничка одговорност на Европа.“ Папата во својот говор истакна дека миграцијата е „хуманитарна криза која ги погодува сите“, повика на солидарност од целиот свет, затоа што како што истакна ако во поглед на другите глобални предизвици, како што се пандемијата или климатските промени, има напредок, тоа не е случај со миграцијата.
Но во прашање се луѓе, во прашање се човечки животи! Во игра е иднината на сите, која ќе биде мирна само ако биде во знакот на интеграцијата. Само ако биде во знакот на помирувањето со најслабите, иднината ќе биде просперитетна. Бидејќи кога сиромашните се отфрлаат, се отфрла мирот. Затворањата и национализмите – историјата на тоа нѐ учи, доведуваат до катострофални последици, предупреди Светиот Отец. Затоа повика да се излече поука од историјата и да се усвојуваат далековидни политики и да се запре овој како што рече, „бродолом на цивилизацијата.“
Не смее да се сврти грб на реалноста, нека се престане со постојано префрлување на одговорноста, нека се престане прашањето на миграцијата секогаш да се префрла на другите, како на никој да не му е грижа и дека тоа е само бескорисен товар кој некој мора да го носи! Мигрантите со молбен поглед бараат да не се заборават, но човештвото ги игнорира и ја свртува главата на другата страна.
Во оваа недела го молам Бог да нѐ разбуди од заборавот кон оние кои страдаат, да нѐ тргне од индивидуализмот кој исклучува, да го разбуди срцето глуво за потребите на ближниот. И го молам човекот, секој човек: да ја надминеме парализата од стравот, рамнодушноста која убива, циничната незаинтересираност која со кадифени ракавици ги осудува на смрт оние на маргините! Упорно да се спротивставиме на доминантната мисла, она која се врти околу сопственото „јас“, сопствените лични егоизми, сопствените национални егоизми, кои стануваа мерило и критериуми за сѐ, рече Папата во својот говор на островот Лезбос.
Ватикан њуз/к.мк