Папата на Генералната аудиенција: Шарл де Фуко, пример за Евангелието објавено со кроткост

Папата на Генералната аудиенција: Шарл де Фуко, пример за Евангелието објавено со кроткост

На Генералната аудиенција во среда 18 октомври 2023 година која се одржа на плоштадот Св. Петар, папата Фрањо ја продолжи серијата катехези за апостолската ревност и размислуваше за радосното сведоштво кое во пустината Сахара го даде свети Шарл де Фуко.

Папата Фрањо ја продолжи серијата катехези за различните примери на апостолска ревност на Генералната аудиенција во средата, 18 октомври, одржана на плоштадот Св. Петар, фокусирајќи се на свети Шарл де Фуко. Тој е сведок на ревноста во навестувањето на Евангелието и сведок на благоста, барајќи дијалог и близина со сите.

Во центарот на неговиот живот е Евхаристијата, пред која долго време застанувал во молитва и поклонување, чувствувајќи дека само Исус Кој е таму присутен може да го доближи до многубројните браќа не христијани.

Роден во Стразбур во 1858 година, свети Шарл служел како војник во француската армија пред да стане пустиник и католички свештеник во Алжир, каде што е убиен во 1916 година.

Папата рече дека светецот ги направил Исус и неговите најсиромашни браќа и сестри пасија на неговиот живот.

По неговото преобраќање, свети Шарл му напишал на еден пријател неверник дека го изгубил срцето за Исус од Назарет.

Папата Фрањо нагласи дека неговите зборови покажуваат дека за првиот чекор во евангелизацијата треба да го имаме Исус во центарот на нашите срца.

Ако тоа не се случи, тешко можеме да го покажеме тоа со нашите животи, истакна римскиот бискуп. Наместо тоа, ризикуваме да зборуваме за себе, за групата на која припаѓаме, за моралот или, уште полошо, за збир на правила, но не и за Исус, Неговата љубов, Неговото милосрдие.

Го гледам тоа во некои нови движења кои се појавуваат, продолжи Папата, тие зборуваат за нивната визија за човештвото, зборуваат за нивната духовност и чувствуваат дека тоа е нов пат… Но, зошто не зборуваат за Исус? напомена римскиот епископ пред насобраните верници.

Извикување на Евангелието во тишина

Папата ги повика христијаните да го прземат овој повик за евангелизација клечејќи и поздравувајќи го делувањето на Светиот Дух, кој секогаш вдахнува нови начини на вклучување, средба, слушање и дијалог, секогаш во соработка и доверба, секогаш во заедништво со Црквата и пастирите.

Свети Шарл, додаде Светиот Отец, ја пренесе убавината на Евангелието преку апостолатот на благоста и во својата желба да биде универзален брат на сите.

Постепено овие врски создадоа братство, вклучување, уважување на културата на другиот, рече папата Фрањо. Добрината е едноставна и бара од нас да бидеме едноставни луѓе, кои не се плашат да се насмеат.

Христијанската радост како љубов кон ближниот

На крајот, папата Фрањо ги повика сите да живеат со христијанска радост, кроткост, нежност, сочувство и блискост.

Светиот Отец истакна: Со насмевка, со својата едноставност, свети Шарл бил сведок на Евангелието. Никогаш не прозелитизам, никогаш: сведочете! Евангелизацијата никогаш не се прави преку прозелитизам, туку преку сведочење, преку привлечност, заклучи тој.

Светски ден на мисиите, 22 октомври

Следната недела, 22 октомври, ќе го прославиме Светскиот ден на мисиите на тема „Жар во срцето, нозете на пат“. Ги охрабрувам епархиите, парохиите и сите заедници активно да учествуваат на овој важен годишен настан со молитва и конкретна поддршка за потребите на мисијата на Црквата за евангелизација, рече папата Фрањо обраќајќи им се на верниците од италијанското говорно подрачје.

Украина

Денеска е празникот свети Лука, рече папата Фрањо во поздравот на италијански јазик, додавајќи дека неговото евангелие нè потсетува дека мисијата на Црквата е можна само ако знаеме да се соединиме со Бога преку молитвата и сме целосно подготвени да се ставиме во неговите раце.

Браќа и сестри, ве молам, додаде Папата, да продолжиме да се молиме за мир во светот и да не заборавиме да се молиме за напатената Украина, за која сега не се зборува, но драмата таму сѐ уште трае.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот