Папата на Генералната аудиенција: Во Црквата нема место за световниот менталитет
Епископскиот чин е служба, а не е позиција за престиж: не се купува, туку послушно се прифаќа, не за некој да се воздигне, туку за да се понизи како што Исус се понизи сѐ до смртта на крстот. Во Црквата нема место за световниот менталитет – истакна Светиот Отец во катехезата на Генералната аудиенција на 5 ноември на плоштадот Свети Петар.
Преку присутноста и службата на епископите, свештениците и ѓаконите Црквата го остварува своето мајчинство – рече Папата, додавајќи дека тоа е вистинското лице на Црквата; Светата Мајка хиерархиска Црква која нè придружува во текот на целиот наш живот, од моментот кога преку крштението стануваме христијани, сѐ до макотрпните искушенија, страдања и смрт. Мајчинството на Црквата се гледа „посебно во личноста на епископот и преку неговата служба“ – рече Папата.
Како што Исус ги избира и испраќа апостолите да го навестуваат Евангелието и „да го пасат Неговото стадо“, така и епископите се наследници на апостолите, поставени на чело на христијанската заедница; како гаранти на верата и жив знак на Господовото присуство меѓу верниците. Јасно е дека епископската служба не е привилегија, ниту позиција за престиж. Исус сакал да биде служба. Во Црквата нема место за световниот менталитет, кој вели: „Овој човек напредуваше во црковната кариера, стана епископ… Не, во Црквата нема место за тој менталитет. Епископската служба не е медал, за некој со него да се фали – повтори папата Фрањо.
Епископите секогаш пред очите треба да го имат Исус, Кој не дојде за да му служат, туку за да служи. Светите епископи, а ги имало многу, се доказ дека таа служба не се бара и не се купува, туку се прифаќа со послушност– но не заради воздигање – туку заради намалување, како што самиот Исус се намали, станувајќи послушен сѐ до смртта на крстот. Исус ги избра и повика апостолите, ги собра во заедница за да живеат со Него како едно семејство– истакна Папата, додавајќи:
Заедно со Папата, епископите се еден единствен колегиум. Папата е чувар и гарант на длабокото заедништво кое Исус и апостолите срдечно го сакале. Убаво е кога епископите се обединети со Папата, кога го покажуваат единството и постојано сака да им служат на верниците и во Црквата да бидат служители – рече Папата и потсети на Епископската синода за семејството.
Мислејќи на сите епископи, распрснати по светот, рече дека иако тие живеат во разни краишта, култури и традиции, одделени едни од други го покажуваат единството на христијанските заедници во Христос, во слушањето на Словото Божјо и Светиот Дух. Затоа христијанските заедници треба да ги сметат епископите за голем дар и со нив да бидат во заедништво – истакна Папата.
Ако не се единствени епископите, свештениците и ѓаконите, тогаш Црквата не е здрава. Исус муѓу верниците сака единство; единство на свештениците и епископите – рече Папата, а потоа на разни јазици ги поздрави присутните верници. Поздравувајќи ги собраните верници рече дека во недела во Полска се слави IV Ден на солидарноста со прогонетата Црква, ова година посветен на Сирија.
Бидете блиски со браќата кои во таа држава и по светот трпат заради братоубиствени војни и насилства. Благодарение на вашите молитви и материјалната поддршка, тие ја чувствуваат грижливата присутност на Христова љубов – нагласи Светиот Отец, а потоа посебно ги поздрави болните. Гарантирајќи им ја својата близина и молитва посакувајќи секое граѓанско општество да ги поддржи нивните семејства за да можат да се соочуваат со големите трпења.
РВ/Д.И.