Папата на Велики Четврток: Господ бара од свештениците љубов и солзи за оние кои се далеку
На Велики четврток, 28 март 2024 година, папата Фрањо заедно со уште 1.500 свештеници ја славеше Светата Литургија со посвета на миро во ватиканската базилика Свети Петар. На олтарот кардинал Анџело де Донатис, генерален викар на Римската бискупија ја служеше светата Литургија.
Во својата проповед Светиот Отец ја истакна важноста на покајанието – важен, но донекаде занемарен аспект од духовниот живот. Скрушеноста е „прободување на срцето“, кое е болно и предизвикува покајнички солзи, рече Папата. Тоа не е чувството на вина што не обесхрабрува или не прави опседнати со нашата недостојност, туку благотворно прободување кое го прочистува и лекува срцето. „Штом ќе го препознаеме нашиот грев, нашите срца можат да се отворат за делувањето на Светиот Дух, изворот на жива вода што извира од нас и ни донесува солзи во очите. Оние кои се подготвени да бидат ‘разоткриени’ и да дозволат Божјиот поглед да го прободе нивното срце, како дар ги добиваат тие солзи, најсветата вода по онаа на крштението“, истакна Светиот Отец.
Кога „плачеме над себе“, тоа не значи дека плачеме од самосожалување, нешто за кое често сме искушувани да го направиме. Напротив, значи сериозно покајание што сме го ожалостиле Бога со нашите гревови, признавајќи дека сме скршнале од патот на светоста и верната љубов кон Оној што го даде својот живот за нас. Тоа значи уште еднаш да го упатиме погледот кон распнатиот Господ и да се предадеме на Неговата љубов, која секогаш простува и воздигнува, нагласи Папата. Скрушеноста, додаде тој, бара труд, но дава мир.
Секако, секоја внатрешна обнова се раѓа од средбата на нашата човечка беда и Божјата благодат, а се развива преку духовното сиромаштво, кое му овозможува на Светиот Дух да нè збогати, рече папата Фрањо. Ги повика браќата свештеници да се погледнат и да се прашаат каква улога играат скрушеноста и солзите во нивното испитување на совеста и молитвите. „По природа, колку старееме, толку помалку плачеме. Меѓутоа, во животот на духот, од нас се бара да бидеме како деца: ако не плачеме, назадуваме и одвнатре старееме, додека оние чија молитва станува поедноставна и подлабока, заснована на обожување и восхитување во Божјото присуство, расте и созрева. Стануваат помалку врзани за себе, а повеќе за Христа. Сиромашните по дух пристапуваат кон сиромашните, кои се најмили на Бога “.
Уште еден аспект на скрушеноста е солидарноста. Едно покорно срце, ослободено со духот на Блаженствата, станува природно да изразува скрушеност кон другите. Наместо да чувствува гнев и бес поради неуспесите на своите браќа и сестри, тоа плаче за нивните гревови. Господ, пред сè по лицата посветени на него, бара мажи и жени кои жалат за гревовите на Црквата и светот и стануваат застапници за сите, нагласи Папата. „Од нас, неговите пастири, Господ не бара осуди со презир кон оние што не веруваат, туку љубов и солзи за оние што се далеку. Тешките ситуации, страдањата и недостигот на вера со кои секојдневно се среќаваме, во средбата со скрушеното срце, не будат одлучност во полемиката, туку истрајност во милосрдието“.
На крајот, истакна Папата, скрушеноста не е толку дело колку што е благодат и како такво мора да се бара во молитвата. Покајанието е дар Божји и дело на Светиот Дух. Како помош во негување на духот на покајание, Светиот Отец даде два совети. Најпрво повика да престанеме да гледаме на животот и повикот во смисла на ефикасност и моментални резултати. Наместо тоа, тој повика на гледање на работите низ поширокиот хоризонт на минатото – сеќавајќи се на Божјата верност – и на иднината – гледајќи во вечната цел кон која сме повикани, конечната цел на нашите животи.
Последниот совет е повикот на Папата повторно да се открие потребата од негување на молитвата која не е задолжителна и функционална, туку слободно избрана, мирна и долготрајна. Да се вратиме на обожувањето и молитвата на срцето, рече тој. Да ја чувствуваме Божјата големина и додека размислуваме за сопствената грешност да ги отвориме нашите срца за исцелителната сила на неговиот поглед, заврши Светиот Отец во својата проповед, заблагодарувајќи им се на свештениците за нивниот труд и солзи.
Ватикан њуз/к.мк