Радио Марија повикува на молитва

Радио Марија повикува на молитва

Почитувани слушатели, пријатели на Радио Марија,

во изминативе денови поминуваме низ уште една криза за човештвото која е предизвикана од стравот за зараза од вирусот корона. Ситуацијата во некои земји од светот е навистина сериозна и по тој повод и кај нас се забранети поголеми собири, а многу други активности од секојдневниот живот се суспендирани или ќе се одвиваат отежнато и со помал интензитет.

Сите ние посакуваме да запре оваа епидемија што е можно побргу, а некои од вас можеби и започнале да молат за таа накана. Радио Марија ве повикува на молитва за да престане оваа епидемија, но исто така да молиме и за луѓето заболени од вирусот, лекарите, медицинските сестри, болничари, научиници и сите оние кои директно или индиректно се погодени од оваа епидемија. Заедно да пристапиме на молитва, нашата молитва нека се воздигне до небо.

Светото Евангелие ни сведочи дека Исус лекувал многу болни. Тој и денес е лекар на душите и телата. Затоа да ги упатиме нашите молитви до Него, нашиот Господ и од него да побараме да ја запре оваа епидемија.

Да молиме со вера и до нашата небесна Мајка, Пресвета Богородица стравовите и раните на нашиот ранет свет да ги пренесе на својот Син и над сите луѓе во светот да го рашири својот мајчински покров, како што тоа го правеше многупати во историјата.

Ве повикуваме да се придружите на нашите молитви, кои се на програмата на Радио Марија со следната накана:

Господ преку застапништвото на Пресвета Богородица веднаш да го запре корона вирусот и сите други болести кои ги загрозуваат луѓето во целиот свет. Пресвета Богородице, моли се нас!

Ве повикуваме да се придружите.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот