Папата: Мигрантите се луѓе кои бараат подобар живот

„Мигрантите се браќа и сестри кои бараат подобар живот, далеку од сиромаштијата, гладот, експлоатацијата и дискриминаторската распределба на ресурсите на планетата, кои треба да бидат фер распределени меѓу сите“.

Ова го пишува папата Фрањо во пораката за Светскиот ден на мигрантите и бегалците со наслов „Мигрантите и бегалците нѐ предизвикуваат. Тоа е одговорот на Евангелието на милосрдието“, кој ќе биде одбележан на 17 јануари 2016 година“.

Пред постојано растечките миграциски текови во секој агол на планетата, Евангелието на милосрдието, денес повеќе од било кога во минатото, ја тресе совеста и нѐ штити од привикнување кон страдањата на другите“, посочува Папата.

„Секој ден, драматичните приказни на милиони мажи и жени ја прашуваат Меѓународната заедница, пред зголемувањето на неприфатливите хуманитарни кризи во многу области во светот. Индиферентноста и тишината ги отвораат патиштата на соучество кога присуствуваме како гледачи на смртни случаи од задушеност, глад, насилства и крвопролевање“.

Папата Фрањо забележува дека „миграциските текови се веќе една структурна реалност и првото прашање, кој се наметнува е надминувањето на кризната фаза, за да се направи место на програми кои ќе го свртат вниманието кон причините за миграциите, на промените кои се наметнуваат и последиците кои даваат нови лица на општествата и народите“. Во нашата епоха – продолжува Светиот Отец – „миграциските текови се зголемуваат постојано во секој агол на планетата: иселеници и луѓе бегаат од нивната татковина, прашувајќи го секој еден од нас и сите заедно и предизвикувајќи го традиционалниот начин на живот и понекогаш, прекршувајќи го културниот и социјалниот хоризонт со кој се спротивставуваат“.

„Важно е да се гледа на мигрантите не само врз основа на нивниот статус за тоа дали се во право или не, туку пред сè како луѓе кои, заштитени во нивното достоинство, можат да придонесат за благосостојбата и напредокот на сите“, пишува Папата во пораката, претставена во Ватиканската прес служба.

Мигрантите – нагласува Светиот отец – „можат да придонесат за благосостојбата на  општеството кое ги прима, особено кога одговорно ги преземаат своите обврски кон оние што ги примаат, почитувајќи го со благодарност материјалното и духовното наследство на земјата домаќин, запазувајќи ги нејзините закони и придонесувајќи за своите трошоци“. Сепак, папата Фрањо потсетува дека „Црквата инсистира на правото да не се емигрира, за да се придонесе за развој на родната држава“: „Овој процес треба да ја вклучи, на прво место, потребата да се помага на земјите од кои тргнуваат мигрантите и бегалците, за да се прекинат овие нерамнотежи кои ги поттикнуваат луѓето, индивидуално или колективно, да ја напуштат својата природна и културна средина“. Неопходно е – продолжува папата Фрањо – да се спречи, ако е можно уште во самиот почеток, бегството на бегалците и егзодусот диктирани од сиромаштијата, насилството и прогонот. По ова прашање е императив јавното мислење да биде прописно информирано за да се избегнат неоправданите стравови и шпекулации на сметка на мигрантите“.

„Никој не може да се преправа дека не се чувствува зафатен од новите форми на ропство, предводени од нападите на организации кои продаваат и купуваат мажи, жени и деца како принудни работници во земјоделството, рибарството или други пазарни сектори“, пишува уште Папата. „Колку многу малолетни деца денес се принудени да стапат во војска, претворајќи се во деца-војници!“, нагласува Светиот Отец. „Колку луѓе се жртви на трговијата со органи на присилна работа и сексуална експлоатација! Од овие злосторства бегаат бегалците на нашата сегашност кои ја предизвикаат Црквата и човековата заедница!“.

Папата ја завршува пораката, потсетувајќи дека според „Евангелието на милосрдието, среќавањето и прифаќањето на другиот се крстосуваат со среќавањето и прифаќањето на Бог: да го примиш другиот, значи да го прифатиш самиот Бог! Не дозволувајте да ви ја одземат надежта и радоста во животот, кои извираат од искуството од Божјото милосрдие кое се манифестира во луѓето кои ги среќавате на вашите патишта!“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот