Папата Лав XIV упати честитка до Неговата Светост папата Тавадрос II по повод годишниот „Ден на коптско-католичкото пријателство“, го пофали гостопримливиот дух на жителите на Канарските Острови и им го честиташе Денот на мајките на сите мајки.
Денот на мајките се слави во повеќе од 40 земји низ светот во втората недела од мај, а папата Лав XIV упати посебна мисла до сите мајки.
Говорејќи по молитвата „Царице небесна“ на плоштадот „Свети Петар“, во недела 10 мај 2026 година, Папата рече: „Со застапништвото на Марија, Мајката на Исус и наша Мајка, да се молиме со љубов и благодарност за секоја мајка, особено за оние што живеат во најтешки услови.“
Ден на коптско-католичкото пријателство
Папата упати и братски поздрав до поглаварот на Коптската православна црква, потсетувајќи дека секоја година, на 10 мај, се одбележува „Денот на коптско-католичкото пријателство“.
„Упатувам братски поздрав до Неговата Светост папата Тавадрос II и го уверувам во моите молитви за целата сакана Коптска Црква, со надеж дека нашето патување на пријателство ќе нè доведе до совршено единство во Христос, Кој нè нарече ‘пријатели’“, додаде тој.
Благодарност до Канарските Острови
Папата Лав упати и зборови на благодарност за гостопримливиот дух што ги карактеризира жителите на Канарските Острови.
Истакнувајќи дека Канарските Острови ги прифатија патниците од крузерот „Хондиус“, на кој имало пациенти заболени од хантавирус, Папата рече дека се радува што ќе може да се сретне со нив следниот месец, за време на својата посета на островите.
Папата треба да отпатува на апостолско патување во Шпанија од 6 до 12 јуни, а последните два дена од патувањето ќе ги помине на островите Тенерифе и Гран Канарија, каде што ќе се сретне со мигранти и со организации посветени на нивна помош.
Ватикан њуз/к.мк

