Папата Фрањо: Молејќи ја менуваме реалноста и нашите срца

Папата Фрањо: Молејќи ја менуваме реалноста и нашите срца

Во месец декември папата Фрањо поттикнува на молитва за нашиот личен однос со Исус Христос да го зајакнеме со Словото Божјо и со молитвениот живот.

Може да ја промени реалноста и срцата, го преобразува нашиот живот и е пат за приближување до Отецот. Станува збор за молитвата, централна накана на папата Фрањо за месец декември упатена до верниците преку видео порака која ја објави Папската светска молитвена мрежа. Молитвата е срцето, посланието на Црквата, клучот за влез во дијалог со Отецот – истакна Папата. Секој пат кога ќе прочитаме краток дел од Евангелието го слушаме Исуса кој ни зборува. Разговараме со Исус. Го слушаме на Исус и Му одговараме. Тоа е молитва.

Молејќи ја менуваме реалноста – напоменува папата Фрањо. Го менуваме и своето срце. Нашето срце се менува кога се молиме. Можеме да правиме многу работи, но без молитва тоа не функционира. Да се молиме нашиот личен однос со Исус Христос да се храни со Словото Божјо и со молитвен живот. Видео пораката на Папата за овој месец завршува со посебен повик кој го упати на 28 јуни 2019 година на средбата со членовите на Светската молитвена мрежа. Нека сите, секој поединечно со искрено срце се моли во тишина – поттикна на крајот папата Фрањо.

Наканата за месец декември се испреплетува со овој период на потресната пандемија и со почетокот на новата литургиска година, со Божиќниот пост. Одекнуваат во неа посебно зборовите на папата Фрањо кога на 27 март во текот на вонредната молитва пред базиликата Свети Петар рече дека пред трпението ја откриваме Исусовата свештеничка молитва: „Сите да бидат едно“ (сп/Иван 17, 21).

Колку луѓе секој ден вложуваат многу трпение и влеваат надеж внимавајќи да не се шири паника, туку соодговорност. Колку татковци, мајки, дедовци и баби, наставници, со мали секојдневни гестови им покажуваат на нашите деца како да се соочат и да ја поминат кризата прилагодувајќи ги навиките, подигнувајќи ги погледите и поттикнувајќи на молитва. Колку луѓе молат, принесуваат и посредуваат за доброто на сите. Молитвата и тивката служба, тие се нашите оружја кои победуваат – рече тогаш папата Фрањо. Молитвата на Папата во таа прилика на плоштадот Свети Петар ја зајакна сликата на Пресвета Богородица Salus Populi Romani (Спас на римскиот народ) и дрвениот крст од римската црква свети Марсел, кој во 1522 година го спасува Рим од голема чума.

Потсетуваме дека видео снимката на Папата е иницијатива со која се сака да се шири месечната молитвена накана на Светиот Отец, а ја подготвува Папското дело „Папска светска молитвена мрежа“. Станува збор за апостолат на Католичката Црква раширена во целиот свет која пружа побожност кон Пресветото Срце Исусово за на сите членови на Црква да помогне потполно да ја живее светата Тајна Крштение и Евхаристија во духот на општото свештенство на верниците. Послание е да се молат и да ги живеат предизвиците на човечкиот род и посланието на Црквата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот