Папата Лав XIV во Перу повика на солидарност и грижа за најранливите

Папата Лав XIV во Перу повика на солидарност и грижа за најранливите

По четири сведоштва во Лима, папата Лав XIV се осврна на предизвиците со кои се соочуваат семејствата, жените, работниците и културно разновидното перуанско општество, повикувајќи на поголема солидарност и посветеност на општото добро.

„Да ги цениме жените! Да ги заштитиме и почитуваме девојчињата!“, порача папата Лав XIV на средбата посветена на „Предизвиците и надежите на перуанскиот народ“, одржана во Лима во четврток 12 ноември 2026 година.

Светиот Отец ги повика Перуанците да градат општество во кое секој човек ќе може да живее достоинствено и да придонесува за општото добро.

Осврнувајќи се на семејството, Папата нагласи дека човечката личност треба да биде во центарот на секоја општествена, економска и политичка организација. Тој се заблагодари на мајките, тетките и бабите кои и во тешки околности ја пренесуваат верата и надежта на идните генерации.

Папата посебно ги спомна семејствата погодени од економски проблеми, иселување, зависности, злоупотреби и семејно насилство, охрабрувајќи ги да не се предаваат пред тешкотиите.

Говорејќи за културната разновидност на Перу, Светиот Отец ја опиша како големо богатство и повика разликите да станат можност за средба и заемно збогатување.

Тој предупреди на навредливиот говор и предрасудите поврзани со потеклото, изгледот или општествената положба.

„Заедно со разоружувањето на нашиот говор, преку откажување од навредливите зборови, треба да ги разоружаме и нашите ставови“, рече Папата.

Посебен дел од обраќањето беше посветен на положбата на жените. Папата го осуди насилството и дискриминацијата и нагласи дека присуството и учеството на жените треба да се почитуваат и поттикнуваат во сите области на општеството и во животот на Црквата.

„Да ги цениме жените! Да ги заштитиме и почитуваме девојчињата!“, повтори тој.

Осврнувајќи се на работата и претприемништвото, папата Лав истакна дека претпријатијата треба да бидат заедници во кои капиталот, управувањето и трудот служат на целосниот човечки развој.

Тој ја нагласи и одговорноста на јавните власти да создаваат услови за достоинствен труд, праведна законска рамка и рамнотежа меѓу работата, одморот и семејниот живот.

На крајот, Папата ги повика Перуанците своите домови да ги претворат во „училишта на братството“, претпријатијата во „заедници на достоинствен труд и општествена одговорност“, а културните разлики во можности за средба.

На тој начин, рече тој, може да се гради поправедно општество засновано на мир, солидарност и општото добро.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот