Папата: Во лудилото на војната важно е да се штити животот во секоја негова фаза

Папата: Во лудилото на војната важно е да се штити животот во секоја негова фаза

Светиот Отец на Генералната аудиенција во среда 25 март 2026 година упати апел за заштита на животот од зачнувањето до природната смрт и упати мисла до сите што живеат во подрачја зафатени од конфликт. Во поздравот на полски јазик се осврна на одбележувањето на Денот на светоста на животот. Обраќајќи им се на француските ходочесници, Папата повика на молитва за пастирите на Црквата, за да им помогнат на верниците активно да се залагаат за градење на Црквата и мирот во светот.

Додека на Блискиот Исток судирите и непријателствата продолжуваат да сеат смрт, папата Лав XIV од плоштадот „Свети Петар“ за време на Генералната аудиенција повторно повика на заштита на човечките животи. Обраќајќи им се на ходочесниците од полското говорно подрачје, потсети дека денес во Полска се одбележува Денот на светоста на животот, по повод кој се промовира иницијативата „духовно посвојување на неродено дете“, која Иван Павле II ја благослови и поддржа во 1994 година, а потоа се прошири низ целиот свет. Станува збор за секојдневна молитва во текот на девет месеци за животот на неродено дете кое е во животна опасност, а може да започне кој било ден во годината. Светиот Отец истакна:

„Во време обележано со лудилото на војната, важно е да се штити животот од зачнувањето до неговиот природен завршеток.“

Да се залагаме за градење мир

Обраќајќи се до верниците од француското говорно подрачје, Римскиот епископ упати апел за промовирање слога меѓу народите и повика со молитва да го поддржат служењето на оние што се повикани да го водат Божјиот народ:

„Да се молиме за пастирите на Црквата, за да можат, делувајќи колегијално и во дух на заедништво, ревносно да ја навестуваат Радосната вест и да им помогнат на верниците активно да се залагаат за градење на Црквата и мирот во светот.“

Да бидеме храбри Христови сведоци

Потоа, во поздравот на арапски јазик, Петровиот наследник ги охрабри сите верници, а особено оние што доаѓаат од Светата Земја, да ја навестуваат Христовата Радосна вест и да бидат Негови сведоци исполнети со љубов:

„Секој христијанин е повикан да биде ученик исполнет со љубов и храбар гласник за да го навестува Евангелието по целиот свет.“

Да го следиме примерот на Марија

На крајот, папата Лав XIV потсети дека Црквата денес го слави празникот Благовештение Господово и заклучи:

„Нека тоа за сите биде повик да го следиме примерот на Пресвета Дева Марија, за секогаш да бидеме подготвени да ја вршиме Божјата волја.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот