Папата Фрањо објави порака за Светскиот ден на сиромашните, кој годинава ќе се прослави на 17 ноември. Пораката носи наслов: „Молитвата на сиромашните се вознесува до Бога“ (сп. Сирах 21,5).
Со овој наслов Папата нагласува дека сиромашните имаат привилегирано место во Божјото срце, кое е внимателно и блиску до секој од нив. „За нивното страдање, Бог е „нестрпелив“ сѐ додека не им додели правда“, пишува Папата.
Како што соопшти Дикастеријата за евангелизација, Светиот Отец ќе го предводи Евхаристиското славење во базиликата Свети Петар на Светскиот ден на сиромашните, по што ќе следи традиционален ручек со сиромашните во салата Павле VI. Во седмицата пред тој ден, парохиските и епархиските заедници се повикани со конкретни знаци да ги стават потребите на сиромашните во центарот на нивните пасторални активности.
„Господ ги знае страдањата на неговите деца, бидејќи тој е внимателен и грижлив отец. Како татко, тој се грижи за оние кои имаат најголема потреба: сиромашните, маргинализираните, страдалниците и заборавените. Никој не е исклучен од Неговото срце, бидејќи во Неговите очи сите сме сиромашни и во потреба. Сите ние сме питачи затоа што без Бог не би биле ништо. Не би имале ни живот – да не ни го дадел Господ. Но, колку често живееме како да сме господари на животот или како да треба да го освоиме“, потсетува Папата во својата порака. Среќата не може да се стекне со газење на правата и достоинството на другите, посочува Светиот Отец и потсетува на невините жртви на толку многу војни: „Колку ли само луѓе осиромашија со погрешна политика која вклучува оружје?“, пишува Светиот Отец. .
Понатаму, Папата повикува на молитва за сиромашните и заедно со нив. Тоа е пасторална дејност која мора да се негува, нагласува Папата и пишува дека „најлошата дискриминација што ја трпат сиромашните е немањето духовна грижа“. Обраќајќи им се директно на сиромашните, Папата вели: „Сите имаме искуство со молитви кои изгледа дека останале неодговорени“. Понекогаш бараме избавување од бедата поради која страдаме и поради која сме понижени, а Бог како да не го слуша нашиот плач. Меѓутоа, Божјото молчење не значи дека тој не внимава на нашето страдање; туку и молчењето е говор кој треба да се прими со доверба, предавајќи Му се Нему и Неговата волја“.
Папата Фрањо потсетува дека Светскиот ден на сиромашните е пасторална можност која го предизвикува секој верник да ги слушне молитвите на сиромашните и да стане свесен за нивното присуство и потреби. Понатаму, тоа е можност да се „спроведат иницијативи со кои конкретно ќе им се помогне на сиромашните и да се препознаат и поддржат бројните волонтери кои страсно се посветуваат на оние на кои им е најпотребна“.
Ја нагласува важноста на молитвата и конкретното дејствување: верата без дела е мртва, но каритативното дејствување без молитва е во опасност да стане филантропија, која набрзо ќе се истроши, пишува Папата и ги истакнува позитивните примери на Света Тереза од Калкута, која во молитвата наоѓаше вера и сила да им служи на сиромашните, како и Свети Бенедикт Јосиф Лабре, кој живееше меѓу сиромашните.
„Сиромашните можат многу да нè поучат, бидејќи во култура која во центар ги става богатството и неретко достоинството на луѓето се жртвува на олтарот на материјалните добра, тие пливаат против плимата, нагласувајќи дека нешто сосема друго е од суштинско значење за живот“, забележува Папата.
На патот кон Светата година, папата Фрањо ги повикува сите „да бидат ходочесници на надежта, поставувајќи опипливи цели за подобра иднина“. „Во сите околности, повикани сме да бидеме пријатели на сиромашните, следејќи ги стапките на Исус кој секогаш бил солидарен со најмалите“, стои на крајот од пораката на Папата.
Ватикан њуз/к/мк