Токму тоа непоколебливо верување во Бог му овозможи да ја прифати таа, човечки гледано, тешка и, во одредена смисла, неразбирлива ситуација. Јосиф во верата сфаќа дека детето зачнато во утробата на Марија не е негово, туку е Божји Син, а тој ќе му биде хранител, преземајќи ја така во пополност улогата на земски татко – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов во недела 22 декевмри 2019 година
На 22 декември 2019 година, на четвртата недела од Божиќниот пост, пред молитвата Ангел Господов папа Фрањо истакна дека евангелието за таа недела нè води (Матеј 1,18-24) кон Божиќ преку искуството со Јосиф, навидум спореден лик во чиј став е содржана целата христијанска мудрост. Тој заедно со Иван Крстител и Марија е еден од ликовите кои Литургијата ни ги нуди за време на Божиќниот пост – рече Папата и забележа дека свети Јосиф не проповедува и не говори, туку се обидува да ја изврши волјата Божја и тоа го прави на еванагелски начин и начин според блаженствата. „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!“ (Матеј 5, 3), а Јосиф е сиромашен зашто живее од најнеопходното; а тоа сиромаштво е типично за оние кои се свесни дека во целост зависат од Бог и во Него ја положуваат целата своја вера – рече Папата.
Евангелско читање ни ја прикажува ситуацијата која човечки гледано е непријатна и противречна. Јосиф и Марија се верени, сè уште не живеат заедно, но таа со Божјо делување очекува дете. Јосиф, соочен со тоа изненадување, се вознемирува, но наместо да реагира на импулсивен начин, за да ја казни, бара решение кое го почитува достоинството на неговата љубена Марија. Евангелието вели: „А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи праведен, не сакаше да ја посрами, намисли тајно да ја отпушти“ (Матеј 1, 19).
Јосиф, всушност добро знаеше дека ветената му сопруга, доколку ја пријави, ќе ја изложи на сериозни последици, па дури и на смрт – истакна Светиот Отец и напомена дека поради тоа со големо страдање, не изложувајќи ја на срам, одлучи да се одвои од Марија. Но Ангелот Господов интервенира за да му каже дека решението кое себе си го претстави не е во согласност со Божјата волја. Господ му отвара нов пат на заедништво, љубов и среќа: „Јосифе, син Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја, зашто зачнатото од неа е од Светиот Дух“ (Матеј 1, 20).
Во тој момент Јосиф потполно му верува на Бог, го слуша Ангеловиот совет и ја зема кај себе Марија – рече Папата и додаде: Токму тоа непоколебливо верување во Бог му овозможи да ја прифати таа, човечки гледано, тешка и, во одредена смисла, неразбирлива ситуација. Јосиф во верата сфаќа дека детето зачнато во утробата на Марија не е негово, туку е Божји Син а тој ќе му биде хранител, преземајќи ја така во потполност улогата на земски татко.
Примерот на овој кроток и мудар човек нè поттикнува да го подигнеме погледот и да го насочиме понатаму. Станува збор за враќање кон изненадувачката Божја логика која, далеку од малите или големите пресметки, е отворена за новите хоризонти кон Христос и неговото Слово. Нека Дева Марија и нејзиниот девствен сопруг Јосиф ни помогнат да го слушаме Исус кој доаѓа и кој сака да биде примен во нашите проекти и нашите одлуки – рече на крајот папата Фрањо, и после молитвата Ангел Господов ги поздрави поклониците на Плоштадот сСети Петар и посака празникот Божиќ да ни биде можност за братство, растење во верата и за гестови на солидарност кон оние во потреба.
Ватикан њуз/к.мк