На Светол Вторник епископот Стојанов служеше во парохиската црква “Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица

На Светол Вторник епископот Стојанов служеше во парохиската црква “Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица

На Светол вторник, 4 мај 2021 година, трет ден Велигден, Н.В.П. монс. Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во парохиската црква „Раѓање на Сети Иван Крстител“ во Струмица, на која сослужуваа парохот о. Гоце Костов, катедралниот парох о. Георги Трајков, парохиските викари о. Атанас Сирачев и о. Ристо Самарџиски.

На почетокот епископот Стојанов се заблагодари на верниците за нивната дисциплинираност и одржувањето на мерките препорачани од надлежните институции за време на велигденските празнувања, а потоа се осврна на евангелското читање за двајцата ученици на пат за Емаус, кои биле разочарани за сето она што се случило со нивниот учител при што истакна: „Додека тие двајца ученици одејќи разговарале, одеднаш им се придружува воскреснатиот Исус кого не го препознале: „бидејќи им беше скратено на нивните очи“. Воскреснатото Исусово тело поседува посебни одлики. Тоа е, како нѐ учи евангелист Марко, „во друга форма“, што значи: поинакво, отколку што тие го познавале. Воскреснатиот само тогаш може да се препознае кога Тој самиот ќе овозможи, бидејќи природни човечки чувства неспособни се Него воскреснатиот да го препознаат.“

Зборувајќи за разочарувањето епископот Стојанов нагласи дека Исус многумина повеќе пати ги разочарал, а најмногу неговите ученици при што рече: „Човекот е исто така разочаран од Бога: поради неисполнети убави желби и чесни планови; заради неуслишана молитва. Тој е разочаран од тешките страдања и болести – неговите и другите; поради ненадејна смрт, особено кога се соочува со сопствената смрт, неизбежна поради неизлечива болест.“ (…)

Понатаму епископот Стојанов дополни дека човекот сака да знае како да се избегне разочарување во животот, а при тоа мора да се има во предвид дека очекуваме премногу од луѓето и од животот, при што истакна: „Луѓето не се такви какви што сакаме да бидат. Ние не сме она што другите сакаат да бидеме. Не сме сите она што треба да бидеме. Колку повеќе има такви луѓе кои искрено ќе настојуваат да живеат според Божјата волја и колку повеќе успеат во тоа, толку повеќе ќе има барем повеќе разбирање и помалку разочарување меѓу нив.“

Монсињор Стојанов поттикна да не избрзуваме, да бидеме трпеливи; да не бидеме тврдоглави и непопустливи. Да дозволиме да можат и другите да бидат во право; де се пазиме од предрасуди кон другите, да се обидеме да погледнеме и низ туѓи очи; да не бидеме себични! Да не тагуваме само за злото! Да се радуваме и на доброто!

Во продолжение на проповедта тој истакна: Учениците зборувале: „А ние се надевавме дека е тој Оној што треба да го избави Израил“. А Исус ги прекори, велејќи им: „О, безумни и срца спори…! Не требаше и така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?“ Значи, тоа беше вина и на учениците. Многу пати е и наша вина што доаѓаме до разочарување. Но, најмногу од сè ќе ни биде јасно само тогаш кога воскреснатиот Исус ќе ни ги отвори очите да го препознаеме и не покани во неговото Царство: „Дојдете, благословени од Мојот Отец“ – рече на крајот епископот Стојанов.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот