Папата: Како поток што води до изворот, музиката нè води до Бога

Папата: Како поток што води до изворот, музиката нè води до Бога

Папата Лав XIV се придружи на молитвениот собир „Песна на мирот“ во Борго „Laudato si’“, во Папските градини во Кастел Гандолфо, заедно со Андреа Бочели и хорот „Гласови на ABF“, составен од детски гласови од Уганда, Светата Земја и Италија.

Музиката може да нè одведе до прагот на таинството. Како што оној што го следи потокот на крај стигнува до неговиот извор, така и убавината на песната може да нè води до Бога, задоволувајќи ја жедта за смисла и среќа што самиот свет не може да ја згасне.

Со оваа слика папата Лав XIV го започна своето размислување за време на собирот „Песна на мирот“, одржан вечерта на 29 јули 2026 година во Борго „Laudato si’“, во Папските градини во Кастел Гандолфо, под сенката на древниот даб познат како „Матусал“.

Потсетувајќи на „хоровите на ангелите и светците“ опишани во Светото Писмо, Папата забележа дека тие не „пеат буквално цело време“. Нивната совршена хармонија, рече тој, извира од заедничкото контемплирање на Бога, хармонија до која и земската музика може да ни помогне да се приближиме.

Од Светата Земја, Уганда и Италија, заедно

Настанот беше организиран од Центарот за високо образование „Laudato si’“, во соработка со Фондацијата „Андреа Бочели“, претставена од самиот познат тенор. Собирот е дел од одбележувањето на 800-годишнината од смртта на свети Фрањо Асишки.

Во текот на програмата беа прочитани текстови од списите на свети Фрањо, меѓу кои и „Песната на созданието“, како и библиски пасуси и зборови од неколку папи, од свети Павле VI и свети Иван Павле II до папата Фрањо.

Папата го опиша собирот како момент на „радост“, придружен од Андреа Бочели и хорот „Гласови на ABF“, составен од 164 деца и млади од Светата Земја, Уганда и Италија. Обединети од љубовта кон музиката, многумина од нив носат и животни приказни обележани со војна, сиромаштија и страдање.

Папата Лав XIV истакна дека нивното „прекрасно пеење“, заедно со повеќејазичната молитва на крајот од собирот, покажале како музиката може да ги обедини различните гласови во една хармонија, во која секој човек дава свој единствен придонес кон целината.

На тој начин, хорот станува симбол на хармонија и соработка.

Нешто поголемо од поединецот

Размислувајќи за небесните хорови опишани во Светото Писмо, Папата рече дека нивното единство произлегува од тоа што во Бога ја наоѓаат „полнотата на среќата“.

„Додека пеевте, дали забележавте како музиката нè вовлече сите во едно ново искуство, во нешто поголемо од она што секој од нас би можел да го создаде сам? Тоа е искуството на убавината. Таа отвора нов хоризонт и во нас ја буди желбата да се движиме кон него“, рече Папата.

Како поток до својот извор

Да се оди кон тој хоризонт, продолжи Папата, значи да се открие не само „нешто“, туку „Некој“.

„Како што можеме да го следиме потокот назад до неговиот извор, така и убавината на музиката нè повикува да се сретнеме со Оној Кој е самата Убавина. Продолжете да ги негувате даровите што Бог ви ги дал и дозволете им да ве водат кон Него“, рече папата Лав XIV.

Светот не може да ја задоволи нашата жед за смисла

Папата се осврна и на „немирните срца“ на младите, велејќи дека, „сè што бараме во животот“, само Господ може вистински да им даде одмор.

„Запомнете дека сте создадени за големи работи и дека целиот свет не е доволен за да ја задоволи вашата жед за смисла и среќа“, им порача Папата.

„Светиот Отец ве сака и се моли за вас“

Потоа папата Лав XIV им упати лично уверување на присутните млади:

„Светиот Отец ве сака и се моли за вас, за вашите семејства и за вашите земји.“

Неговите зборови преминаа во молитва за мир, со желба мирот да завладее „во сите делови од светот што продолжуваат да страдаат поради насилство“.

За младите учесници, заедничката молитва со Папата беше завршница на десетдневното патување во кое хористите и едукаторите споделија искуство на формација, пријателство и братство преку уметноста на пеењето.

Благодарност до Фондацијата „Андреа Бочели“

Папата заврши со благодарност до Фондацијата „Андреа Бочели“ за нејзината работа во поддршка на младите што се соочуваат со образовни и социјални тешкотии.

„Преку силата на музиката, вие придонесувате за мисијата на Црквата да го промовира интегралниот развој на секој човек во служба на општото добро. Нека Бог ги благослови вашите напори“, рече Папата.

Под сенката на „Матусал“

Молитвениот собир го отвори кардинал Фабио Баџо, неодамна назначен за пропрефект на Дикастеријата за промовирање на интегралниот човечки развој, должност што ќе ја преземе на 1 септември 2026 година, и генерален директор на Центарот за високо образование „Laudato si’“.

Пред да започне музиката, кардиналот се осврна на моќно сведоштво на древниот даб познат како „Матусал“. Вкоренето во историјата на Папските градини, дрвото, рече тој, ја симболизира одговорноста што му е доверена на секој маж и секоја жена: „да се грижиме за она што сме го примиле како дар, за да може и понатаму да создава живот и надеж за идните генерации“.

Кардиналот Баџо се потсети и на незаборавните зборови на свети Августин: „Доцна Те возљубив, Убавино секогаш стара, секогаш нова; доцна Те возљубив.“

Тој му се заблагодари на папата Лав XIV за неговото присуство, потсетувајќи ги присутните дека мирот останува „мисија доверена на секого од нас“.

Создание, мир, човечко достоинство и вера

Првиот дел од програмата беше посветен на Созданието и вклучуваше изведби на „Panis Angelicus“ и „Dolce sentire“ од Андреа Бочели и хорот. Потоа сестра Алесандра Смерили прочита извадок од „Песната на созданието“ на свети Фрањо, а кардинал Баџо прочита стихови од почетокот на Книгата Битие на англиски јазик.

Вториот дел, посветен на хармонијата меѓу народите, вклучуваше музичка изведба на хорот на поемата „Киевската месечина“ од Џани Родари, по што следеше молитва припишана на Сиромавиот човек од Асизи, прочитана од отец Франческо Иелпо, кустос на Светата Земја.

Третиот дел беше посветен на човечкото достоинство. Во него хорот ја изведе „Пееме сите заедно“, а беа прочитани и делови од енцикликата Fratelli tutti на папата Фрањо, од обраќањето на свети Павле VI до Обединетите нации на 4 октомври 1965 година, како и од говорот на свети Иван Павле II пред Меѓународниот суд на правдата во Палатата на мирот во Хаг, на 13 мај 1985 година.

Четвртиот и последен дел, посветен на верата и единството, вклучуваше изведба на галски благослов и читање од 20. глава од Евангелието според Иван.

Молитвата на децата

По размислувањето на Папата, децата прочитаа молитва на неколку јазици:

„Оче, ние сме деца. Те молиме само да можеме да си играме. Затоа ни создаде прекрасна градина во која можеме да живееме среќно, опкружени со Твојата љубов и во хармонија со секое создание што свети Фрањо нè научи да го нарекуваме брат и сестра.

Не успеавме да се грижиме за градината, и радоста од животот во неа се претвори во страв од Тебе, па се сокривме. Но Твојата љубов нè пронајде, како во криенка.

Преку Исусовата жртва на Крстот, нè помири со Себе, го обнови заедништвото со Тебе, едни со други и со целото создание.

Те молиме, помогни ни да се грижиме за градината, за да можеме да живееме во вистинска среќа.“

Собирот заврши со молитвата „Оче наш“, размена на знакот на мирот и Апостолски благослов. Потоа Андреа Бочели и хорот ја изведоа „Amazing Grace“, пред да му бидат предадени на папата Лав XIV подароците што децата ги подготвиле од своите татковини.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот