Папата за време на Генералната аудиенција која ја одржа на 30 август 2017 година, зборуваше на темата која ја смета за посебно важна, а таа е односот помеѓу надежта и сеќавањето; посебно сеќавањето на повикот. За пример го зеде повикот на првите Исусови ученици…
Во сеќавањето на апостолите останало втиснато тоа искуство, што некои дури го запишале и часот кога тоа се случило: „Беше околу десеттиот час.“ (1Ив 1, 39) Иван во својата длабока старост го сочувал живо сеќавањето на тој настан, затоа што своето Евангелие го напишал во длабока старост – рече Папата, повторувајќи ги зборовите на Евангелието.
Средбата на учениците со Исус се случила на реката Јордан, каде Иван Крстител, крштевал. Младите Галилејци го избрале Крстителот за свој духовник. Еден ден доаѓа Исус и се крсти во реката. Кога следниот пат повторно таму поминувал, Иван Крстител им вели на двајцата ученици: „Еве Го Јагнето Божјо!” – рече Светиот Отец.
Тоа за учениците – смета Папата – било „искрата“. Го оставаат дотогашниот учител и врват по Исус. Исус се свртува кон и нив и им поставува одлучувачко прашање: „Што барате?“ Исус во Евангелијата се појавува како познавач на човечкото срце. Во тој момент среќава двајва млади во барање и во здрав немир – објасни Папата.
Всушност, каква е таа младост која е задоволна; која не се прашува за смислата? – праша Светиот Отец и продолжи: Млади кои ништо не бараат, не се млади, туку се пензионери; остареле пред време. А Исус низ целото Евангелие и во сите свои средби, се покажува како оној кој го „пресечува“ срцето. Оттука ова негово прашање, кое настојува да ја разбуди желбата, која секој млад човек ја носи во себе: „Што бараш?“ И јас денес – вас младите, кои сте овде или ова го следите преку медиумите – би сакал да ве прашам истото: „Ти кој си млад, млада, што бараш; што бараш во своето срце?“
Повикот на Иван и Андреј започнува преку пријателство со Исус, толку силно што „наметнува“ заедништво и чувство за Него. Двајцата ученици започнуваат да живеат и да бидат со него и веднаш стануваат мисионери. После средбата, дома не се вратиле смирени: биле „придвижени“ и тоа така што на нивните браќа – Симон и Јаков – набрзо исто така стануваат ученици. Отишле кај нив и им рекле: Го најдовме Месијата, најдовме Пророк“… даваат информација; стануваат мисионери од средбата… Таа била толку трогателна и среќна средба, што учениците засекогаш ќе се сеќаваат на тој час кој ја просветлил нивната младост и им дал насока – рече папата Фрањо.
Како се открива сопственото звање во овој свет? Може да се открие на различни начини, но ова страница од Евангелието ни зборовува дека првиот показател за тоа, е радоста од средбата со Исус. Бракот, посветениот живот, свештенството: секој повик започнува единствено со средба со Исус, Кој ни донесува радост, нова надеж; нѐ води, па и низ искушенијата и тешкотиите, кон се потполната средба со Него и нѐ води кон потполна радост – рече Светиот Отец.
Господ не сака луѓе кои Го следат неволно, без ветрот на радоста во срцето. Папата потоа на собраните им постави прашање, на кое побара секој да си одговори во своето срце: „Вие овде присутни, ви струи ли во срцето ветрот на радоста?“ … Исус сака луѓе кои вкусиле дека средбата со Него донесува неизмерна среќа, која секој ден може да се обнови. Ученик на Царството Божјо кој не е радосен не го евангелизира овој свет. Не се станува Исусов проповедник со неверојатна реторика, туку чувајќи го во својот поглед блесокот на вистинската среќа – рече Папата.
Од таа причина христијанинот – како Дева Марија – го чува пламенот на својата вљубеност. Сигурно, во животот постојат искушенија, моменти во кои е потребно да се оди напред без оглед на студеноста и спротивниот ветер. Но, христијаните го познаваат патот кој води до светиот пламен кој ги запалил еднаш засекогаш – рече Светиот Отец и предупреди:
Убаво ве молам, да не им даваме за право на разочараните и несреќните луѓе; да не ги слушаме оние кои цинички ни велат да не негуваме надеж во животот; да не се доверуваме на оние кои веќе во зачетокот го згаснуваат секој ентузијазам, зборувајќи дека ниту еден ангажман не е вреден за целоживотна жртва; да не ги слушаме оние кои се „стари срца“; кои ја гушат младешката еуфорија, туку старите кои со очите блескаат надеж. Да негуваме здрави „соништа“ – повика папата Фрањо.
Бог сака додека сме на патот и внимателни на животните случувања – да бидеме способни да сонуваме како Него и со Него. Да сонуваме за еден поинаков свет. Ако сонот изгасне – да го сонуваме повторно – враќајќи се со надеж на она првото сеќавање. Тоа е основната динамика на христијанскиот живот: да се сетиш на Исус… Павле му зборуваше на својот ученик: „Сеќавај се на Исуса Христа.“ Да се сеќаваш на Исус; горлива љубов преку која животот го сфативме како „проект на доброто“ и со тој пламен повоторно ја оживуваме својата надеж – рече папата Фрањо на крајот од својата денешна поука.
Светиот Отец по поединечните поздравни говори до поклоничките групи, упати апел:
На 1 септември се одбележува Ден на молитва и грижа за создаденото. По тој повод, јас и драгиот брат Вартоломеј, екуменскиот патријарх на Цариград, заедно подготвивме порака. Во неа сите ги повикуваме да почитуваат и да заземаат став на одговорност кон создаденото. Исто така апелираме и на оние кои имаат важна улога да го слушнат крикот на земјата и крикот на сиромашните, кои од еколошката нерамнотежа најмногу трпат.
РВ/к.мк