Папата: Исусовата жед се угасува со сочувствителна љубов
Светиот Отец своето размислување во текот на екуменската медитација на Меѓурелигиската средба за мир во Асизи ја заснова на Исусовите зборови од Евангелието според Иван „Жеден сум.“
Жедта е основна човечка потреба и кога Исус вели „Жеден сум“ не ја изразува само својата жед за вода, туку „пред сè жедта за љубов, елемент кој не е помалку важен за живот. Жеден за да ни ја даде живата вода на својата љубов, но и да ја прими нашата љубов,“ порача Папата.
Предупреди за трагедијата на невозвратената љубов, „исушено срце“ кое го остава Бог, Иyворот на жива вода и го заменува со издупчени извори што не можат да ја задржат водата (Јер 2, 13). И во Евангелието сме сведоци на таа трагедија кога на жедниот Исус му нудат оцет – расипано вино.
Папата Фрањо предупреди дека токму реалноста на невозвратената љубов – љубов која не е љубена – го вознемирува свети Фрањо Асишки и тој од љубов кон Господ кој страда не sе срамува да вика и тагува гласно. Овој копнеж – продолжува Папата – треба да биде и во нашите срца кога размислуваме за Христос Распнатиот, кој е жеден за љубов. Токму зборовите на Христос Распнатиот „Жеден сум“ ја поттикнале света Мајка Тереза да ја угаси неговата жед за служење на најсиромашните меѓу сиромашните.
„Господовата жед се гаси со нашата сочувствителна љубов: Го утешуваме кога во негово име се наведнуваме до другиот кој трпи. На денот на судот блажени ќе бидат оние кои дале да пијат на жедните, направиле вистински дела на љубов на човек во потреба: „доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сре Ми го направиле“ (Мт 25, 40) порача Папата.
Исусовите зборови нè предизвикуваат – продолжи Светиот Отец – бараат место во нашите срца и одговор со целиот наш живот. Во Исусовото „Жеден сум“ можеме да го слушнеме гласот на страдалникот, сокриениот пискот на недолжните на кои им се скратила светлината на овој свет; тажната молба на сиромашните и на оние кои најмногу им треба мирот. „Сите тие се браќа и сестри на Распнатиот, малите во Неговото Царство, ранетите и голите делови на неговото тело. Тие се жедни, но често им се дава горчливиот оцет на отфрлањето како и на Исус. Кој ги слуша? Кој се труди да им одговори? Премногу често се среќаваат со заглушувачката тишина на рамнодушноста, себичноста на огорчените затоа што се здодевни, студенилото на оние кои лесно го замолчуваат нивниот крик за помош како да менуваат телевизиски канали.“
„Пред Христос Распнатиот со Божја мудрост и Божја сила (1Кор 1, 24), ние христијаните сме повикани да размислуваме за таинството на љубовта. Како ученици на Распнатиот повикани сме да бидеме „дрво на животот“ кое на светот му го враќа кислородот на љубовта. Од Христовото ребро на крстот потече вода, симбол на Духот кој дава живот (Ив 19, 34); така од нас верниците може да потече сочувствување со сите кои денес се жедни.“
На крајот од медитацијата Светиот Отец изрази желба Бог да ни даде, како Марија под Исусовиот крст, и ние да бидеме соединети со Него и блиски со страдалниците. „Приближувајќи им се на луѓето кои живеат како да се распнати и зајакнати со љубовта на Исус Распнатиот и Воскреснатиот нека нашата хармонија и заедништво уште повеќе се продлабочат. „Тој е нашиот мир (Ефес 2, 14), Он кој дојде да навести мир на оние блиски и далечни (ред 17). Нека сите нас нè воздржи во својата љубов и нè обедини сите да можеме да бидеме „едно“ (Ив 17, 21) како што Тој сака“, заврши папата Фрањо.
РВ/к.мк