Папата им го честиташе Велигден на источните христијани

Послео пладневната молитва Царице Небесна, папата Фрањо го честиташе Велигден на источните христијани кои денес го слават и повика на мир во Сирија.

Со голема болка ги примам драматичните вести од Сирија за спиралата на насилството која продолжува да ја отежнува и онака очајната хуманитарната ситуација во таа земја посебно во градот Алепо од која се погодени невини жртви, меѓу кои деца, болни и оние кои со големи напори се трудат да помогнат на ближниот. Ги поттикнувам сите страни во конфликтот да го почитуваат прекинот на огнот и да го зацврстат дијалогот кој е во тек: тоа единствениот пат кој води до мир – апелира Папата по молитвата Царице Небесна на 1 мај 2016 година. Исто така го честиташе Велигден на сите верници од источните Цркви кои денес го слават Воскресението Христово.

Светиот Дух поучува

Во говорот пред маријанската молитва Светиот Отец се осврна на евангелскиот дел во кој Исус пред својата мака и смрт на крстот на апостолите им го ветува Светиот Дух Кој ќе ги „научи“ и ќе им „напомни“ за сите негови зборови.

Во моментот кога се подготвува за враќање кај Отецот Исус го најавува доаѓањето на Духот Кој пред сè ќе ги поучува учениците секогаш во целост да го разбираат Евангелието и да го прифаќаат во својот живот, да го прават живо и ефикасно преку своето сведоштво. Додека на апостолите им го доверува посланието за навестување на Евангелието по целиот свет ветува дека нема да ги остави сами: со нив ќе биде Светиот Дух Утешител; уште повеќе ќе биде во нив за да ги заштитува и подржува. Исус се враќа кај Отецот, но продолжува да ги следи и поучува своите ученици преку дарот на Духот – објасни Папата.

Светиот Дух ги напомнува Исусовите зборови

Вториот аспект на посланието на Светиот Дух се состои во помагање на апостолите за да се сеќаваат на Исусовите зборови. Божествениот Учител веќе пренел сè што имал намера да довери на апостолите: со него, овоплотеното Слово, објавата е завршена. Светиот Дух потсетува на Исусовата наука во разни конкретни околности во животот за да можеме да ја спроведеме во дело. Тоа се случува и денес во Црквата која ја води светлината и силата на Духот за да може на сите да им го носи дарот на спасението – рече папата Фрањо.

„Не сме сами!“

Светиот Отец истакна дека не сме сами: Исус ни е близок среде нас е, во нас е. Неговото ново присуство во историјата се одвивало преку дарот на Светиот Дух преку Кој е можно да се има жив однос со Христос. Светиот Дух излеен во нас преку светите Тајни Крштение и Миропомазание – продолжи Папата – делува во нашите животи. Нè води така да размислуваме, делуваме и да го разликуваме доброто од злото; ни помага да ја практикуваме љубовта со Исус, посебно кон оние во потреба.

Не сме сами! Знакот на присуството на Светиот Дух е и мирот кој Исус им го дава на своите ученици. Тој се разликува од мирот кој луѓето меѓусебно си го посакуваат и се обидуваат да го остварат. Исусовиот мир извира од победата над гревот, егоизмот кој нè спречува да се љубиме како браќа. Секој ученик повикан да го следи Исус носејќи крст го прима неговиот мир, сигурен во неговата победа и чекајќи го неговото конечно доаѓање – рече Светиот Отец.

Воскресна честитка за источните христијани

Мојата искрена мисла е упатена до нашите браќа од Источните Цркви кои денес го слават Велигден. Нека воскреснатиот Господ на сите им ги даде даровите на својата светлина и мирот.Христос воскресна (Χριστός ἀνέστη) – рече папата Фрањо по молитвата Царице Небесна. Светиот Отец потсети при тоа дека во понеделник во Рим започнува меѓународната конференција за одржлив развој и најранливите облици на работа. Посака тоа да ја зголеми чувствителноста на властите, политичките и економските институции и цивилното општество за да се промовира модел на развој кој води сметка за човечкото достоинство, работните нормативи и околината.

„Не смееме да толерираме злоупотреба на деца!“

На крајот ги поздрави членовите на здружението „Meter“ кое веќе со години се бори против секој облик на злоупотреба на деца. Тоа е трагедија! Не смееме да толерираме злоупотреба на малолетници! Треба да ги штитиме децата и треба тешко да се казнуваат насилниците – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот