Папата именуваше 17 нови кардинали на Римската курија

Папата именуваше 17 нови кардинали на Римската курија

Папата Фрањо на конзисториумот во базиликата Свети Петар на 19 ноември 2016 година именуваше 17 нови кардинали.

Во својата проповед се осврна на делот од Евангелието според Лука во кој Исус на своите ученици им го претставува својот план и програма за присутните да ги воведе во она што тој го нарекува четири степени мистагогија на милосрдието: да се љуби, да се прави добро, да се благословува, да се моли. Навидум станува збор за нешто здраворазумско затоа што тие работи можеме лесно да ги правиме на пријателите и ближните, на оние кои ни се допаѓаат. Но Исус вели: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат; благословувајте ги оние што ве навредуваат (Лк 6, 27-28).

Светиот Отец е свесен дека луѓето не ги поврзуваат овие зборови со непријателите, туку нивната инстинктивна реакција е да ги отфрли, дискредитира или да ги проколнi. Често знаеме и да ги демонизираме – рече Папата – а Исус нѐ повикува да го правиме токму спротивното: оние кои ни се непријатели, кои нѐ мразат, проколнуваат или клеветат треба да ги љубиме, да им правиме добро, да ги благословуваме и да се молиме за нив. Непријателот е некој кој морам да го љубам, па во Божјото срце нема непријатели. Ние сме тие кои подигнуваме ѕидови и ги етикетираме луѓето. Божјата љубов е родителска љубов која никогаш нѐ не напушта, дури и кога ќе залутаме – рече Папата и продолжи:

Нашиот Отец не чека да станеме малку подобри пред да за да не засака. Тој нѐ љуби затоа што одлучува да нѐ љуби, нѐ љуби затоа што нас нѐ направил свои синови и ќерки. Нѐ љуби додека уште бевме непријатели (Рим 5, 10). Безусловна љубов на Отецот кон луѓето била и е вистински предуслов за преобраќање на нашите бедни срца кои тежнеат да судат, делат, да се спротивставуваат и да осудуваат. Да се запознае Бог кој и понатаму ги љуби ние кои Го одбиле е неизмерен извор на доверба и поттик за нашата мисија – порача Светиот Отец.

Папата предупреди дека живееме во време во кое поларизацијата и исклучувањето се зголемуваат и се сметаат за единствен начин за решавање на конфликт. Можеме да видиме – рече – колку брзо странец, мигрант или бегалец добиваат статус на непријател затоа што доаѓа од далечна земја, има поинакви обичаи, поинаква боја на кожата, поинаков јазик или општествен статус. Тој добива статус на непријател затоа што мисли поинаку или е од друга вероисповед. И полека, а тоа не го согледуваме овој начин на однесување, станува дел од нашиот живот и делување. Малку по малку нашите разлики стануваат симптоми на непријателство, закани и насилство. Колку раната станува подлабока заради таа епидемија на непријателство и насилство која остава траги по телата на многумина кои не можат да се бранат затоа што нивниот глас е слаб и пригушен од патологијата на рамнодушноста – рече папата Фрањо и продолжи:

Вирусот на поларизацијата и непријателство преовладува во нашиот начин на размислување, чувствување и делување. Не сме имуни на него и треба да се чуваме ако не сакаме да се вовлече во нашите срца затоа што тоа би било спротивно на богатството и универзалноста на Црквата која е видлива во кардиналскиот колегиум – порача Папата и додаде: Дојдени сме од далечни земји; имаме различни традиции, боја на кожата, јазикот и општествената позадина; размислуваме поинаку и ја славиме нашата вера во различноста на обредите. Ништо од тоа нѐ не прави непријатели, туку е едно од нашите најголеми богатства.

Светиот Отец истакна дека Исус никогаш не престанува „да слегнува од горе“, постојано тежнее да влезе во нашата историја за да го навести Евангелието на милосрдието. Исус продолжува да нѐ повикува – рече Папата – и да нѐ испраќа во „рамнината“ каде живеат луѓето. Тој нѐ повикува да ги поминеме нашите животи поддржувајќи го нашиот народ во надежта, така ќе може да биде знак на помирување. Како Црква сме повикани нашите очи да се отворени за раните на браќата и сестрите кои се лишени од достоинството.

Драги браќа новоименувани кардинали – продолжи папата Фрањо – патувањето кон небото започнува во рамнините, во тивкото секојдневно дарување на сето она што сме. Нашата планина е овој квалитет на љубовта; нашата цел и стремеж е заедно со Божјиот народ да истраеме на животната рамнина за да станеме луѓе способни да простуваат и да помируваат – рече Папата и заврши со следните зборови:

Драги браќа и сестри денес секој од нас е повикан да го негува во своето срце како и во срцето на Црквата овој повик за да бидеме милосрдни како Отецот, а исто така да сфати дека „ако има нешто што треба да нѐ вознемирува и да ја мачи нашата совест, тогаш тоа е фактот што многу наши браќа и сестри живеат без сила, светлина и утеха, кои се раѓаат во пријателство со Исус Христос; без заедница на верни за да ги поддржуваат; без смисла и цел во животот.“ (Evangelium Gaudium, 49).

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот