Во писмо од 10 ноември 2023 година, папата Фрањо уште еднаш изрази загриженост за реформските идеи на Католичката црква во Германија. Во тоа писмо, што го објави германскиот дневен весник „Ди Велт“, тој повторно објаснува дека планираниот Синодален совет во неговата планирана форма „не може да се усогласи со светотаинската структура на Католичката црква“.
Приватното писмо од 10 ноември, со своерачен потпис на папата Фрањо, е одговор на писмото од четири германски католички жени, меѓу кои и две професорки по теологија. Папата одговара на нив, како што вели, исто така со „загриженост за актуелните случувања во Црквата во Германија.“ Светиот Отец пишува: „Јас исто така ја споделувам загриженоста за многуте конкретни чекори што сега ги презема голем дел од оваа локална црква кои се закануваат да се оддалечат уште повеќе од заедничкиот пат на општата Црква“.
Ова исто така го вклучува и неодамнешното формирање на Синодалниот одбор, кој има за цел да го подготви Синодалниот совет за да се спроведат одлуките на Синодалниот пат на Католичката црква во Германија. Ваквиот синодален совет „во формата наведена во соодветниот текст на резолуцијата не може да се усогласи со светотаинското уредување на Католичката црква“, поради што Светиот Престол не го одобри нејзиното формирање со писмо од 16 јануари 2023 година.
Папата ги советува католиците во Германија да се фокусираат повеќе на молитвата, покајанието, богослужбите и средби со луѓето, „наместо да бараат „спас“ во секогаш новите одбори и секогаш да разговараат за истите теми со одредена самозаокупираност“. Писмото на Папата е напишано на германски јазик и исто така бара од неговите адресати да се молат „за нашата заедничка работа, за единство“.
Според германскиот дневен весник „Ди Велт“, кој дојде до писмото, текстот на Папата е одговор на приватно писмо од 6 ноември. Во него, теолозите Катарина Вестерхорстман и Маријана Шлосер, новинарката Доротеа Шмит и филозофката по религијата Хана-Барбара Герл-Фалковиц изразија загриженост за единството на локалната црква во Германија со Рим во поглед на Синодалниот пат.
Папата Фрањо веќе во неколку наврати покажа скептицизам кон реформскиот курс на Католичката црква во Германија, на пример во „Писмото до Божјиот ходочеснички народ во Германија“ од јуни 2019 година, дури и пред вистинскиот почеток на „Синодалниот пат“.
Откако германскиот дневен весник „Ди Велт“ го објави писмо во кое папата Фрањо ја критикува црквата во Германија, се огласи и највисокото црковно тело, Германската бискупска конференција.
„Писмото на папата Фрањо е упатено до четири жени. За него дознавме од медиумите. Бидејќи писмото не беше адресирано до нас, нема да го коментираме“, соопштија од Германската бискупска конференција преку портпаролот Матијас Коп.
Ватикан њуз/к.мк