На 10 февруари 2017 година, папата Фрањо ги прими учесниците на собирот во организација на Комитетот за љубов и здравје при Италијанската епископска конференција, по повод 25 години од Светскиот ден на болните, кој се одбележува на 11 февруари, на празникот Пресвета Богородица Лурдска.
Светиот Отец им зборуваше за „светлината и сенката“ во здравството, притоа заблагодарувајќи се за „многу здравствени работници кои со знаење и совест ја живеат својата работа како послание.“
Папата на италијанските здравствени работници им рече дека се случиле многу општествени и културни промени, откако во 1992 година свети Иван Павле II го востанови Светскиот ден на болните. Истакна дека дека гледаме и светлина и сенка во здравствениот систем. Што се однесува за „светлината“ во здравството, Светиот Отец рече дека научното истражување сигурно напредуваа и дека се постигнати голем број вредни резултати за борбата против некои болести.
Светиот Отец му искажа благодарност на Бог заради мисионерскиот жар на здравствените работници кои се учесници во љубовта на Бог Создателот, која се излева; со своите раце секојдневно го допираат Телото Христово кое страда. Ја изрази својата благодарност заради големиот број волонтери кои настојуваат „да ги олеснат и да ги хуманизираат долгите и тешки денови на голем број болни и стари луѓе.“
Папата Фрањо потоа говореше за „сенките“ во здравствениот систем, кои се закануваат да го влошат искуството на нашите браќа и сестри. „Ако постои област во која се највидливи последиците на културата на отфрлање, тогаш тоа е токму во здравствената грижа. Кога болниот не се става во центарот и не се гледа во неговото достоинство, се обликуваат ставови кои можат да доведат и до искористување на туѓата неволја,“ рече Светиот Отец.
Папата потоа се осврна на својата порака за 25. Светски ден на болните истакнувајќи дека на прво место е неотуѓивото достоинство на секоја човечка личност од зачнувањето до природната смрт. Тој рече дека финансиските грижи не смеат да ги одредуваат политичките и административните одлуки, како ниту изборот на оние кои управуваат со здравствените структури. Папата Фрањо ги поттикна здравствените работници, исто така никогаш да не се двоумат повторно да размислуваат за своите дела на љубовта за да понудат знак на Божјото милосрдие на најсиромашните кои со доверба и надеж, тропаат на вратата на нивните структури.
Светиот Отец на крајот рече: „Болните се скапоцени членови на Црквата. (…) Нека бидат силни во својата слабост и нека примат милост која ќе им овозможи „во своето тело да го надополнат тоа што недостасува на маката Христова, за Телото негово, за Црквата,“ Тие маки – рече Папата – засекогаш се преобразени во љубовта.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк