Папата: Заштитете го животот од егоизмот и пороците

Денес, човечката природа е постојано сведувана на материја која се оформува според желбата. Затоа треба да ја спасиме од идеолошката колонизација, од егоизмот и лагата кои пороците ги претвараат во доблести, економските интереси во општо добро.

Тоа беше апелот на папата Фрањо упатен за време на средбата со учесниците на пленарното заседание на Папската академија за животот, која се одржува во Ватикан на тема „Доблестите во етиката на животот“.

За папата Фрањо постоечката опасност е да се „нарекува доброто зло и злото добро“. Точно е – вели тој – „дека денес има многу институции ангажирани во служба на животот, но има и структури кои се загрижени повеќе за економскиот интерес отколку за општото добро. Во денешно време некои културни насоки не го признаваат отпечатокот на Божествената мудрост во создадената реалност, дури и во човекот“:

„Човечката природа е сведена само на материја која се оформува според желбата. Сепак, нашата хуманост е единствена и непроценлива во очите Божји! Затоа, првата природа, која треба да се чува, за да дава плод, е нашата сопствена човечка природа. Треба да и дадеме чист воздух на слободата и животворна вода на вистината, за да ја заштити од отровите на егоизмот и лагата“.

Папата ја истакна итната потреба за да го прифатиме и да се грижиме за човечкиот живот, според достоинството, кое му припаѓа при секоја околност“:

„Современата култура сѐ уште ги чува претпоставките за да потврди дека човекот, независно од неговите животни услови, е вредност што треба да се заштити. Сепак, денешната култура често е жртва на морална несигурност, која не овозможува ефикасно да се брани животот. Често, може да се случи и под името на доблести да се прикриваат „прекрасни пороци““.

Импровизирајќи Папата додаде:

„Сакам да потсетам на нешто што постојано сум го велел: треба да сме внимателни кон новите идеолошки колонизации, кои влегуваат во човечкото размислување, дури и во христијанското, во форма на доблести, модернизам, нови ставови. Сите тие се колонизација, односно ја бришат идеолошката слобода, бидејќи се плашат од реалноста таква каква што е создадена од Бог“.

Тоа – продолжи Папата – е динамиката на закоравено срце. Колку повеќе срцето е склоно кон себичноста и злото, толку потешко е да се промени. А кога срцето се изопачи, последиците за општествениот живот се сериозни. На овој начин – како што вели пророкот Јеремија – доаѓа до побарувачка единствено за сопствен интерес, до пролевање на невина крв, до насилство и малтретирање“.

„Таа состојба – истакна папата Фрањо – не може да се промени ниту според теориите, ниту како резултат на социјалните или политички реформи. Само делото на Светиот Дух може да го реформира нашето срце, но под услов да соработуваме“. Кога зборуваме за доблести – истакна Светиот Отец – „не станува збор за козметичко или надворешно разубавување, туку за искоренување од срцето на нечесни желби и да се бара искрено доброто“.

„Денес не недостасуваат научни сознанија и технолошки средства способни да го поддржуваат човечкиот живот во ситуации на видлива слабост. Но многу често недостасува хуманоста. Доброто делување не е соодветна апликација на етичкото познание, туку претпоставува вистински интерес за кревката личност. Лекарите и сите здрави работници секогаш треба да комбинираат наука, техника и хуманост“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот