Папата се сретна со унгарската претседателка Каталин Новак

Папата се сретна со унгарската претседателка Каталин Новак

Папата Фрањо во аудиенција ја прими унгарската претседателка Каталин Новак. На средбата во четврток 25 августи 2022 година разговараа за војната во Украина и заложбата за мир, се вели во соопштението на Ватикан.

Ова беше првата приватна аудиенција кај Папата за Новак, која положи заклетва како претседателка во мај. На средбата соговорниците се спомнаа за посетата на Папата на Будимпешта во септември минатата година по повод 52. Меѓународен евхаристиски конгрес. Тие го изразија своето задоволство од „добрите билатерални односи“ и разговараа за теми од „заеднички интерес“ – вклучувајќи го семејството, промоцијата на културата на животот, младите и состојбата на христијаните на Блискиот Исток. Според соопштението на Ватикан, понатамошниот тек на аудиенцијата се однесувал и на војната во Украина и посветеноста на мирот.

Првата жена на претседателската функција

По приватната аудиенција кај Папата, Новак се сретна и со државниот секретар  кардинал Пиетро Паролин и со секретарот за односи со државите при Светиот Престол надбискупот Пол Галагер.

Каталин Новак е првата жена претседателка на Унгарија. Посетата на Ватикан беше нејзино деветто официјално патување во странство од стапувањето на функцијата пролетва. Таа е избрана со двотретинско мнозинство во парламентот, во кој доминира владејачката партија Фидес. На почетокот на нејзиниот претседателски мандат, Новак, меѓу другото, најави дека ќе се залага за „систем на вредности заснован на христијанството“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот